НОВ ЕНЕРГЕТСКИ ИМПУЛС – По 13 години, повторно тече нафта меѓу Солун и Скопје
Нафтоводот официјално пуштен во употреба на крајот на минатата година

Нафтоводот што ги поврзува Солун и Скопје официјално повторно е ставен во функција на последниот ден од минатата година, со што по пауза од 13 години започна ново поглавје во регионалното снабдување со нафтени деривати. Информацијата ја потврди извршниот директор на „Helleniq Energy“, Андреас Сиамисис, наведувајќи дека првата пратка дизел-гориво веќе е успешно испорачана, а во наредниот период се очекува и втората.
Овој нафтовод претставува стратешки „вертикален коридор“ за транспорт на дизел, еден од најважните енергенси за економиите во регионот. Според Сиамисис, неговото повторно активирање значително го олеснува извозот не само кон македонскиот пазар, туку и кон Косово, јужна Србија и Бугарија, со што дополнително се зајакнува енергетската и геополитичката позиција на овој дел од Европа.
Премиерот Христијан Мицкоски уште во ноември најави дека Владата ги презема сите неопходни чекори за ставање на нафтоводот во комерцијална употреба. По успешно спроведените технички испитувања и дефинирањето на ценовникот, капацитетот е целосно подготвен да го користат компаниите, што отвора нови можности за посигурно и поефикасно снабдување со гориво.


