БОЖИНОВСКА-КАВАХАРА – Зелена енергија, ново поглавје во соработката Македонија-Јапонија

На работната средба меѓу министерката Сања Божиновска и јапонската амбасадорка Сецуко Кавахара беше разгледана можноста за заеднички проекти во зелената енергетика

БОЖИНОВСКА-КАВАХАРА – Зелена енергија, ново поглавје во соработката Македонија-Јапонија
Фото: Принтскрин

Продлабочувањето на билатералната соработка во енергетскиот сектор и можностите за реализација на заеднички проекти во рамки на зелената транзиција беа во фокусот на денешната работна средба меѓу министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска и амбасадорката на Јапонија во Северна Македонија, Сецуко Кавахара.

На средбата учествуваа и претставници на јапонската корпорација ИТОЧУ (ITOCHU), една од најреномираните компании во Јапонија со силно глобално присуство и значајно искуство во енергетски и индустриски проекти. Од компанијата беше изразен интерес за македонскиот пазар, како и за потенцијалите што ги нуди земјата во процесот на зелена енергетска трансформација.

Како што соопштија од Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини, министерката Божиновска нагласи дека Северна Македонија е цврсто определена кон преземање конкретни чекори за изградба на одржлив, безбеден и инклузивен енергетски систем. Таа ја оцени поддршката од јапонска страна како особено значајна за јакнење на енергетската независност и долгорочната одржливост на земјата.

Соговорниците ја потврдија и заедничката заложба за зацврстување на позицијата на Северна Македонија на глобалната енергетска мапа, како кредибилен и доверлив партнер во светската транзиција кон зелена енергија. На крајот од средбата беше заклучено дека соработката во областа на енергетските реформи и инфраструктурните проекти ќе продолжи и во наредниот период.

CATEGORIES
TAGS
Share This