БУГАРИЈА РЕАГИРА – Нашата амбасада во Скопје е нападната поради пасивност на македонските власти
Искршената врата на амбасадата е знак на ескалација на толериран говор на омраза

На 11 јануари непознато лице фрли непознат предмет кон зградата на амбасадата на Бугарија во центарот на Скопје, при што беше искршена влезната врата. Министерството за надворешни работи на Бугарија објави фотографии од инцидентот и го оцени овој чин како напад врз самата држава Бугарија.
Во соопштението од Софија се вели:
„Министерството за надворешни работи на Република Бугарија остро го осудува овој чин врз зградата на бугарската дипломатска мисија во Македонија – симбол на државноста и официјалното присуство на Република Бугарија во Република Северна Македонија.
Овој напад е неприфатливо кршење на статусот на дипломатската мисија и грубо нарушување на Виенската конвенција за дипломатски односи. Министерството изразува длабока загриженост што инцидентот може да е резултат на недостаток на реакција од страна на надлежните институции во Северна Македонија на претходни напади и акти на вандализам против објекти поврзани со Бугарија и бугарската заедница.
Софија очекува македонските власти да го идентификуваат сторителот и да го изведат пред лицето на правдата, како и да ја обезбедат безбедноста на бугарските дипломатски и конзуларни претставништва, нивниот персонал и имот.
Република Бугарија очекува институциите во Северна Македонија јасно да се дистанцираат од говорот на омраза, ефикасно да се спротивставуваат на ваквите злосторства и да работат на промена на јавниот наратив за односите со Бугарија, исполнувајќи ги своите меѓународни обврски. Министерството ќе продолжи да го следи развојот на случајот и го задржува правото да преземе дополнителни мерки за заштита на бугарските интереси.“
Од македонската страна, нема објава ниту реакција од Министерството за надворешни работи, ниту пак соопштение од полицијата за инцидентот.


