МИНИСТЕРСТВОТО ЗА ФИНАНСИИ ИСПЛАТИ НОВА ТРАНША – Поддршка на домашните компании
Поддршката се обезбедува преку кредитна линија од Унгарската експорт-импорт банка

Министерството за финансии исплати нова транша кон Развојната банка во износ од 424,9 милиони денари (околу 6,9 милиони евра) за поддршка на домашните компании.
Со оваа исплата, вкупната поддршка на државата за домашната економија достигна 13,8 милијарди денари (224,3 милиони евра) од планираните 250 милиони евра.
Средствата се обезбедени преку кредитна линија од Унгарската експорт-импорт банка и се наменети за финансирање на приватни инвестиции. Целта е компаниите да добијат поволни кредити кои ќе им овозможат сопствен развој и ќе поттикнат економски раст.
Кредитите се пласираат преку деловните банки, со каматна стапка од 1,95% годишно, рок на отплата до 15 години и грејс период до 3 години.
Вкупниот буџет за поддршка на домашните компании изнесува 250 милиони евра, а вкупната вредност на инвестицискиот циклус се проценува на околу 300 милиони евра.


