СЕВЕРИНА ПОВТОРНО ВО СКОПЈЕ – Љубов, емоции и хитови

Поп-ѕвездата на 18 април ќе го одржи својот нов концерт како дел од турнејата „Јас само пеам“

СЕВЕРИНА ПОВТОРНО ВО СКОПЈЕ – Љубов, емоции и хитови
Фото: Принтскрин

Хрватската поп-ѕвезда Северина ќе одржи концерт во Скопје на 18 април во салата „Борис Трајковски“, соопшти продукцијата „Прагма“. Скопскиот настап е дел од нејзината регионална турнеја „Јас само пеам“, насловена по една од нејзините песни.

Една од нејзините актуелни песни, „Така е, сине мој“, Северина ја посвети на српските студенти кои протестираат и блокираат универзитети, барајќи одговорност за смртта на 15 лица во Нови Сад, настан кој се случи на 1 ноември 2024, кога падна настрешница на реновираната Железничка станица.

„Тоа е песна за сите – лекција која мајка ѝ ја кажува на своето дете. Почнав да ја пишувам на почетокот на годината, за да се оттргнам од тагата и гневот што ме обзедеа по одлуката на Врховниот суд кој сакаше да ми го одземе детето поради ‘процедурална грешка’. Тогаш песната ми изгледаше тажна, а мене ни ми беше до ништо, па ја оставив настрана“, изјави Северина.

Во 2025, педесет и пет илјади луѓе, меѓу кои и гости од Македонија, ја пречекаа во Сараево на концерт на улицата „Маршал Тито“, позната и како Титовата улица. Северина ги испеа и хитот на Кемал Монтено „Сараево, љубов моја“, а целата вечер се чувствуваше како публиката да ѝ е придружен вокал.

Претходно, на 30 март 2024, Северина одржа концерт во преполната сала „Борис Трајковски“ во Скопје.

CATEGORIES
Share This