И ПОКРАЈ МОЖЕН МИР Русите на ЗОИ 2026 без знаме и химна

ИОК потврди дека одлуката важи и во случај на мировен договор со Украина

И ПОКРАЈ МОЖЕН МИР Русите на ЗОИ 2026 без знаме и химна
Фото: Принтскрин

Руските спортисти нема да можат да настапат под националното знаме на претстојните Зимски олимписки игри (ЗОИ) во Милано-Кортина, дури и во случај да биде постигнат мировен договор со Украина, изјави претседателката на Меѓународниот олимписки комитет (ИОК), Кирсти Ковентри, во интервју за италијанските медиуми.

„Во оваа фаза, ништо не ја менува одлуката на ИОК. Руските спортисти ќе можат да учествуваат на Игрите во февруари исклучиво како индивидуалци кои се натпреваруваат во свое име“, истакна Ковентри во изјава за весникот Кориере дела Сера.

По почетокот на руската инвазија врз Украина во февруари 2022 година, ИОК им забрани на Русија и Белорусија учество на олимписките натпреварувања. Во септември минатата година, Комитетот донесе одлука спортистите од овие две земји, доколку се квалификуваат за ЗОИ 2026, да можат да настапат само како неутрални поединци, без национално знаме, химна или други државни обележја.

Зимските олимписки игри во Милано-Кортина ќе се одржат од 6 до 22 февруари 2026 година.

CATEGORIES
Share This