ТРАГЕДИЈА ВО КРАН МОНТАНА – 47 мртви за неколку секунди на новогдишна забава
Швајцарските власти како можна причина го посочуваат феноменот „флешовер“, при што температурата достигнува до 1.200 степени

Во пожарот што избувна за време на новогодишната забава во барот „Le Constellation“ во швајцарскиот скијачки центар Кран-Монтана, загинаа најмалку 47 лица, а уште 115 се тешко повредени, објави швајцарскиот весник Neue Zürcher Zeitung.
Според владата на кантонот Вале, како можна причина за трагедијата се разгледува појавата позната како „блесок“ (flashover) – ненадејно палење на запаливи материјали во затворен простор. Германскиот Шпигел наведува дека при ваков феномен температурата може да достигне и до 1.200 степени Целзиусови, што би објаснило зошто последиците биле толку фатални.
На социјалните мрежи се појави фотографија која наводно го прикажува моментот пред избувнувањето на пожарот, на која се гледаат учесници на забавата како држат шишиња шампањ со прикачени силни прскалки. На таванот веќе се забележува светлина, која присутните во тој момент не ја забележале. Само миг подоцна, светлината прераснала во огромна огнена топка. Германскиот Билд објави реконструкција според која таванот бил изолиран со лесно запалива пена што се запалила речиси инстантно.
Фотографијата првично била објавена од француската телевизија BFMTV. Иако сè уште нема официјална потврда за нејзината автентичност, медиумите наведуваат дека деталите се совпаѓаат со други проверени снимки.
Сведоци изјавиле дека келнерките носеле шампањ со распрскувачи, а кога тие се доближиле до таванот, „одеднаш сè се запалило“, изјави еден очевидец за италијански медиуми. Сè уште се утврдува дали станувало збор за класични прскалки или за посилни пиротехнички средства.
Еден поранешен посетител за швајцарскиот Blick изјавил дека подрумскиот дел од барот имал само еден влез и дека уште пред неколку години сметал оти евакуација во случај на паника би била речиси невозможна.
Барот „Le Constellation“ се наоѓа на приземјето и во подрумот на станбена зграда, со капацитет од околу 300 гости, како и тераса за уште 40 лица. Главната обвинителка на кантонот Вале, Беатрис Пиљо, изјави дека истрагата е во тек и дека засега не може да потврди дали објектот имал само еден излез. Таа наведе дека целиот простор бил зафатен од пламен, што довело до силна дефлаграција.
Надлежните засега исклучуваат можност пожарот да бил предизвикан од експлозивна направа, иако жители од околината пријавиле дека слушнале силен удар. Советникот за безбедност на кантонот Вале, Стефан Ганцер, појасни дека станувало збор за пожар што се ширел со исклучително голема брзина.
Експертите објаснуваат дека „флешовер“ настанува кога топлината се акумулира под таванот, при што запаливите материјали испуштаат гасови кои, во соодветни услови, се палат истовремено. Во такви ситуации температурата нагло расте, а кислородот драматично се намалува, што го прави преживувањето речиси невозможно.
Кран-Монтана е една од најпознатите туристички дестинации во Швајцарските Алпи и за време на новогодишните празници обично е преполна со посетители од целиот свет. Забавата во „Le Constellation“ за само неколку минути се претворила во трагедија.
„Имаше целосна паника, сите врескаа. Некој скрши прозорец за луѓето да можат да избегаат“, изјавија две Французинки за BFMTV.
Идентификацијата на жртвите сè уште е во тек.


