УБИСТВО ВО СТАРТА ЧАРШИЈА Осомничениот фатен во Косово
МВР соопшти дека осомничениот, турски државјанин со престој во Тетово, е лишен од слобода во Косово

Полициски службеници од Единицата за насилен криминал и Одделението за крвни деликти при СВР Скопје, по наредба на јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје, презедоа повеќе истражни дејствија со кои целосно е расчистен кривично-правниот настан што се случи за време на новогодишната ноќ пред угостителски објект во Старата скопска чаршија.
Во инцидентот, со остар предмет беше лишен од живот А.М.Д. (22) од Република Турција, додека Ч.Е. (23), исто така од Турција, се здоби со телесни повреди.
Врз основа на собраните докази, Министерството за внатрешни работи денеска поднесе кривична пријава против М.Т. (25) од Република Турција, со престојувалиште во Тетово, поради основано сомнение дека сторил кривично дело „Убиство“ по член 123 од Кривичниот законик, како и кривично дело „Убиство во обид“, согласно член 123 во врска со член 19 од КЗ.
Во текот на истрагата, по наредба на јавен обвинител, беше извршена обдукција на починатото лице, подигнати се траги за вештачење, реализирани се разговори со повеќе лица, а обезбедени се и снимки од видео-надзор, преку кои е извршена идентификација на осомничениот.
Според утврденото, осомничениот М.Т. критичната ноќ започнал вербална расправија со А.М.Д. и Ч.Е. во кафе-бар во чаршијата. По расправијата, оштетените заедно со други лица се упатиле кон плоштадот, но откако не успеале да пронајдат такси-превоз, се вратиле назад и поминале во близина на истиот угостителски објект. При повторната средба, расправијата продолжила, по што М.Т. извадил нож и му задал четири убодни удари во пределот на градниот кош на А.М.Д., кој починал на лице место. Со еден убод му нанел повреда и на Ч.Е., со намера и него да го лиши од живот, по што избегал од местото на настанот.
По преземените оперативно-тактички мерки, органите на прогонот утврдиле дека осомничениот се наоѓа на територијата на Косово, каде што е лишен од слобода од страна на надлежните косовски органи.


