БАЧЕВ СО МОЌЕН НОВОГОДИШЕН МАНИФЕСТ – 2026 година кога Македонија мора да победува

Лидерот на Единствена Македонија порачува дека 2026 ќе биде година на решителна борба за државата и националниот опстанок.

БАЧЕВ СО МОЌЕН НОВОГОДИШЕН МАНИФЕСТ – 2026 година кога Македонија мора да победува
Фото: Национал

Професорот и лидер на Единствена Македонија Јанко Бачев на социјалната мрежа фејсбук ја честиташе Новата година со силна и моќна порака до Македонија и Македонците која во основа претставува македонски национален манифест.

„Национал“ интегрално ја пренесува пораката на професорот Бачев:

-„Ви посакувам Среќна нова 2026 со многу желби за многу среќа и добро здравје!

2025 година е веќе зад нас, пред нас е новата 2026 година. Секој од нас си има свое видување за годината што измина и свои цели, желби и соништа за годината пред нас. И на секој од нас многу фактори му влијаеле на индивидуален план годината да му биде подобра или полоша.

Другата страна се случувањата во државата кои директно или индиректно влијаат на нашите животи. На државен план, ќе се согласиме дека годината зад нас ја одбележаа настани кои и понатаму го доведуваат во прашање опстанокот на македонскиот народ и македонската држава.

Битката за Македонија ја продолжуваме и во новата 2026 година, давајќи го максимумот за унитарна, подобра и поуспешна Македонија. Сега е најбитно да си ја вратиме државата назад. После, на економски план е лесно да се решат реалните проблеми на народот. Економската наука се погрижила да ги открие механизмите за развој и благосостојба на еден народ, треба само чесни политичари во интерес на народот и со желба и љубов да му служат на сопствениот народ.

На партиски план, Единствена Македонија останува на својата нова политичка доктрина од 2018 година со која за првпат во државата се промовираше поинаков модел за иднината на Македонија што подразбира дека светот е многу поширок и не завршува во Брисел.

Сведоци сме дека оваа доктрина наидува на оправдување кај народот. Ние во Единствена Македонија преземавме се што е во наша моќ за одбрана на националните и државните интереси заради што имавме бројни активности кои за жал се цензурирани од медиумите под контрола на „ѕверот“.

Меѓутоа, колку и да е голем растежот на Единствена Македонија ние мора да ја одбраниме Македонија имајќи ја предвид простата вистина дека доколку се растури државата сите ќе не затрупа во неа. Што ќе ни е партијата ако ја изгубиме државата!?

Во годината што доаѓа Единствена Македонија останува на првата линија во одбрана на националните и државните интереси. Давам збор, ветувам дека нема да ја предадеме Македонија, нашата земја, нашата татковина. Нашата партија Единствена Македонија никогаш нема да ја предаде крвта на илјадници Македонци и Македонки кои ја пролеаа за нашата Македонија. Никогаш нема да го предадеме името, идентитетот, историјата и традицијата на македонскиот народ.

Кажувам директно и јасно – ние во Единствена Македонија сме во политиката да ги одбраниме македонските интереси. Македонија е нашиот дом, онака како што се бориме за нашите домови се бориме и за Македонија. Ова не е битка за власт, ова не е битка на индивидуалци и лидери. Тоа е минлива категорија, ова е битка за опстанок на цел еден народ, ова е битка за Македонија. Битка која само заедно можеме да ја победиме.

Имаме милиони причини, историски или наметнати, политички или економски, реални или ирационални, за делби и поделби. Меѓутоа, една единствена мисла треба да ни биде заедничка за сите нас – љубовта кон Македонија. Кога тоа ќе го разбереме, ги отвораме вратите за решавање на сите сегашни проблеми и отвораме простор за иднината на нашите деца, на нашите семејства, на нашата единствена татковина Македонија.

Битката можеме да ја добиеме само сплотени и единствени како Македонци, нашата борба е исправна, нашата борба е света должност и затоа Македонија ќе победи.

На Македонија и треба победи. Нека започнат победите во 2026 година.

На крајот Ви посакувам Среќна нова 2026 со многу желби за многу среќа и добро здравје!

CATEGORIES
TAGS
Share This