ТЕШКО ПОВРЕДЕН МАЛОЛЕТНИК Соученик му фрлил петарда

Дванаесетгодишно момче од Скопје е хоспитализирано со тешки телесни повреди откако синоќа било повредено при активирање на пиротехничко средство, информираат од Министерството за внатрешни работи.
Инцидентот се случил околу 23 часот во парк на подрачјето на општина Аеродром. Според досегашните сознанија, петардата била фрлена од друго малолетно лице, а повреденото момче инстинктивно се обидело да ја тргне со рака за да не му падне во пределот на главата. Во тој момент пиротехничкото средство експлодирало, нанесувајќи му сериозни повреди.
Малолетникот бил итно пренесен во Ургентниот центар при Клиничкиот комплекс „Мајка Тереза“, каде лекарите констатирале тешки телесни повреди и започнале со соодветен третман.
Од полицијата најавуваат дека се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот, како и за утврдување на одговорноста за настанот.
Надлежните институции повторно апелираат до граѓаните, особено до родителите и младите, за внимателно и одговорно однесување, како и за целосно избегнување на употреба на пиротехнички средства, кои често завршуваат со сериозни повреди.


