АГЕНЦИЈАТА ЗА ФИЛМ ТРОЈНО ГИ ЗГОЛЕМИ ПАРИТЕ – Тројца дебитанти добија над 800.000 евра за нови филмови

Поддршка за дебитантите Радован Петровиќ, Саша Станишиќ и Николче Поповски кои добија над 830.000 евра за своите долгометражни филмови

АГЕНЦИЈАТА ЗА ФИЛМ ТРОЈНО ГИ ЗГОЛЕМИ ПАРИТЕ – Тројца дебитанти добија над 800.000 евра за нови филмови
Фото: Принтскрин

На вториот рок за 2025 година на Конкурсот за финансирање филмски проекти на Агенцијата за филм, тројца дебитанти-– Радован Петровиќ, Саша Станишиќ и Николче Поповски добија вкупно околу 830.000 евра за снимање на долгометражни играни филмови. За игран филм во истиот рок, околу 290.000 евра доби и норвешко-македонскиот режисер Изер Алиу.

Агенцијата соопшти дека во вториот рок се доделени трипати повеќе средства во однос на првиот рок, вкупно 97,3 милиони денари (околу 1,57 милиони евра).

„Главниот фокус на овој конкурс е ставен на поддршка на млади и перспективни автори, како и на нови режисерски и продукциски гласови, паралелно со континуитетот на веќе етаблирани автори и звучни имиња од домашната и регионалната филмска сцена. Во рамки на вториот рок поддржани се и четири долгометражни филмови во меѓународна копродукција со партнери од Албанија, Србија, Словенија и Црна Гора, што ја зајакнува регионалната соработка и меѓународната видливост на македонскиот филм“, велат од Агенцијата за филм.

По филмови се доделени следните средства:

-Радован Петровиќ „Не плачи душо“ (сценарио: Катерина Митровиќ, продукција: „ДФВП Партизанс ДООЕЛ“) 18,5 милиони денари (околу 300.000 евра).

-Саша Станишиќ „Враќање дома“ (сценарио: негово, продукција: „Катавеј ДООЕЛ“) 17 милиони денари (околу 275.000 евра).

-Николче Поповски „Патници“ (сценарио: негово, продукција: „Синемон Медиа Фактори“) 15 милиони денари (околу 243.000 евра).

-Изер Алиу „Оџакот не чади“ (сценарио: Мерита Сали, продукција: „Моуви М Продакшн“) околу 290.000 евра.

Во категоријата долгометражни играни филмови со македонски малцински удел поддржани се четири филма, меѓу кои:

-„8 Март – Меѓународен ден на жената“ на Срѓан Драгојевиќ (сценарио: Румена Бужаровска)

-„Југославија моја татковина“ на Горан Војновиќ и Александар Поповски

-„Штом падне ноќ“ на Ереник Беќири и Марија Апчевска

Дополнително, на конкурсот се поддржани два долгометражни документарци, два краткометражни документарци и осум краткометражни играни филмови.

CATEGORIES
Share This