РЕЦИПРОЧНИ МЕРКИ Мали и Буркина Фасо возвраќаат на американската забрана

РЕЦИПРОЧНИ МЕРКИ Мали и Буркина Фасо возвраќаат на американската забрана

Мали и Буркина Фасо најавија дека ќе воведат забрана за влез на американски државјани на нивна територија, како одговор на одлуката на администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп да им го ограничи влезот во САД на граѓаните на овие две западноафрикански земји.

Одлуките беа соопштени преку одделни официјални изјави на министрите за надворешни работи на Мали и Буркина Фасо и претставуваат ново заострување на односите меѓу Вашингтон и земјите управувани од воени власти во регионот на Западна Африка.

Американската мерка беше донесена на 16 декември, кога Трамп ја прошири постојната забрана за патување и ја опфати со уште 20 држави, меѓу кои Мали, Буркина Фасо и Нигер. Станува збор за земји кои во последните години се под власт на воени хунти и кои неодамна формираа посебна регионална асоцијација, откако се повлекоа од Економската заедница на западноафриканските држави (ECOWAS).

Во своето соопштение, Министерството за надворешни работи на Мали нагласи дека одлуката е донесена врз основа на принципот на реципроцитет. Како што се наведува, Владата на Мали ќе ги применува истите правила и услови за американските граѓани какви што САД ги применуваат кон државјаните на Мали.

Идентична порака испрати и Буркина Фасо. Во изјавата потпишана од министерот за надворешни работи Карамоко Жан-Мари Траоре се наведува дека забраната за влез на американски државјани претставува директен одговор на одлуките на Вашингтон и обид за заштита на државниот суверенитет.

Аналитичарите оценуваат дека ваквите реципрочни мерки дополнително ќе ги усложнат односите меѓу САД и воените власти во Западна Африка, во период кога регионот веќе се соочува со сериозни безбедносни и политички предизвици.

CATEGORIES
Share This