80 ГОДИНИ НА СЦЕНА – 80 години македонска култура

Спектаклот „Сонцето, колку е блиску сонцето“ нè потсетува на почетоците на македонскиот театар

80 ГОДИНИ НА СЦЕНА – 80 години македонска култура
Фото: Национал

Македонскиот народен театар одбележа осумдесетгодишен јубилеј. Осумдесет години на сцена – години исполнети со говор, смеа, солзи, бунт, рецитации и творење на македонски јазик. Вечерта спектаклот нè потсети дека првата реченица изговорена на македонски на сцената била: „Сонцето, колку е блиску сонцето“. Тогаш се отвори прашањето: колку сме блиску до тие осумдесет години и колку доволно ги цениме луѓето што ги носеле на своите плеќи?

Актерите кои со своите гласови и лица оставиле незаборавни улоги, сценските работници кои создавале магија зад кулисите, уметничките работници кои со дисциплина и талент ја правеле културата да изгледа лесно, но со голема вредност – колку од нив ги паметиме денес? Дали нивните имиња ни се познати само кога се појавуваат на постери или кога се доделува награда во нивна чест? Дали ја сакаме нивната уметност не како лекција во учебник, туку како нешто што ни го формира јазикот, вкусот, хуморот, тагата и гордоста? И колку ја цениме македонската историја што тие ја запишувале и изговарале од сцена, реченица по реченица, во време кога секоја реченица беше доказ дека постоиме?

Режисерот Дејан Пројковски во Скопје постави спектакл со повеќе од 60 актери од ансамблот на МНТ, балетски уметници и музика од Горан Трајковски, исполнет со дела на Прличев, Чернодрински, Георгиевски, Ристо Крле, Дуковски, Горан Стефановски, Конески, Петре М. Андреевски, Коста Рацин, Браќа Миладиновци и многу други.

Вечерта започна со почит кон великаните, како што беше Петре Прличко, чие место на сцена го зазеде млад актер во улогата на Народен пратеник. До него стоеше Игор Џамбазов, внук на Прличев, кој произнесе емотивна реплика. Почит беше оддадена и кон Мери Бошкова преку улогата на Госпоѓа министерка, во изведба на Весна Петрушевска, прикажувајќи дел од претставата која за прв пат била поставена во 1953 година.

Не се заборави ни Ристо Шишков, кого го толкуваше актер стоејќи со крената глава на средина од сцената, во придружба на Владо Јовановски, кој ја раскажуваше неговата животна приказна до последниот момент.

Пред почетокот на спектаклот се проектираа стари фотографии од претстави, од „Народен пратеник“ на Бранислав Нушиќ до најновите премиери „12“ и „Варвари“. Проекцијата го прикажуваше времето на покојните и активните актери, сцените, сценографиите и магијата која била создадена на македонската сцена низ годините.

CATEGORIES
Share This