НАГРАДАТА ГОЦЕ ДЕЛЧЕВ ЗА НАУЧНИ ДЕЛА – Конкурсот стартува денес
Предлози можат да поднесат установи, трговски друштва, здруженија и граѓани

Министерството за образование и наука го објави Конкурсот за доделување на државната награда „Гоце Делчев“ за 2026 година. Со оваа награда се оддава општествено признание за особено значајни остварувања од интерес за Република Северна Македонија во областа на науката.
За 2026 година, наградата ќе се додели за научна книга или научно дело објавено во 2025 година.
Рокот за поднесување предлози започнува денеска и ќе трае до 13 февруари 2026 година.
Наградата ќе биде врачена на 4 мај, на денот на смртта на Гоце Делчев.
Во Конкурсот се наведени критериумите за учество, како и правото кој може да поднесе предлог – установи, трговски друштва, здруженија на граѓани и граѓани. Дополнително, се појаснети начинот на поднесување на предлозите и адресата на која треба да бидат испратени.


