ВАР ПОВТОРНО ПОД ЛУПА – Реал Мадрид најмногу оштетен, Барселона и Атлетико профитирале
Признавањето на грешките треба да го подобри системот, но критиките продолжуваат

Судиските одлуки повторно ја ставаат шпанската фудбалска сцена во центарот на контроверзии. Реал Мадрид и Барселона веќе со години водат „војна“ заради наводни неправедни судиски одлуки.
Последните случувања ја засилија оваа дискусија, откако Техничкиот комитет на судии официјално призна дека дошло до грешки при користењето на ВАР системот. Во анализата на 51 натпревар од Ла Лига, се регистрирани дури десет погрешни одлуки на ВАР, што предизвика бурни реакции кај јавноста, навивачите и фудбалските аналитичари.
Извештајот посебно го потенцираше кои клубови најмногу профитирале од спорните одлуки. Атлетико Мадрид и Барселона се наведени како тимови кои имале корист од грешките на ВАР, додека Реал Мадрид бил најмногу оштетен. Ова дополнително го заостри незадоволството на навивачите на „кралскиот клуб“, кои одамна се жалат на судиските критериуми и недоследностите при одлучувањето.
Признавањето на грешките дава нови аргументи во полза на тврдењата дека Реал Мадрид не бил третиран еднакво. Според Техничкиот комитет на судии, целта на анализата е да се подобри системот и да се намалат идните грешки, но многумина сметаат дека ваквите признанија доаѓаат предоцна и без конкретни последици.
Иако ВАР беше воведен со цел да ги намали судиските грешки, ваквите извештаи ја доведуваат во прашање неговата ефективност и регуларноста на натпреварите во Ла Лига.


