ЛАЖНИТЕ ВЕСТИ ЈА ПОГРЕБАА, СУДБИНАТА ЈА СТИГНА – Почина Брижит Бардо
Последните години од животот ги помина повлечено, посветена на активизмот за животните

Француската филмска икона и долгогодишна активистка за правата на животните, Брижит Бардо, почина на 92-годишна возраст. Нејзините последни години беа обележани со сериозни здравствени предизвици и повлечен живот далеку од јавноста.
Последните недели од животот на легендарната актерка биле исклучително напорни. Таа престојувала во приватна клиника поради влошена здравствена состојба. На почетокот на октомври се вратила во својот дом во Сен Тропе по помала медицинска интервенција, но дијагнозата никогаш не била јавно соопштена. По ново влошување, повторно била хоспитализирана во приватната клиника „Сен Жан“ во Тулон.
Минатиот месец Бардо мораше јавно да ги демантира лажните вести за нејзината смрт, откако француски инфлуенсер објави неточна информација.
„Добро сум и немам намера така лесно да си одам“, порача таа тогаш преку социјалните мрежи.
Актерката со години имала респираторни проблеми. Во јули 2023 година, за време на екстремен топлотен бран во Сен Тропе, во нејзиниот дом интервенирала брза помош. Нејзиниот сопруг Бернар д’Ормал тогаш изјави дека таа имала сериозни тешкотии со дишењето, додавајќи дека високите температури се особено опасни на таа возраст.
Во документарниот филм „Бардо“, објавен оваа година, актерката откри дека уште од младоста се соочувала со тешка депресија, дури и во периодите на најголема слава. Таа призна дека чувството на тага ја следело со децении и дека тоа било дел од нејзиниот внатрешен свет до самиот крај.
Брижит Бардо често истакнуваше дека вистинска утеха наоѓа во животните и во борбата за нивните права.
„Она што сакам е луѓето да се сетат на почитта што им ја должиме на животните“, изјави таа во едно од своите последни интервјуа, нагласувајќи ја својата длабока разочараност од човештвото.
Последните месеци ѝ донеле и големи лични загуби. На почетокот на годината починаа нејзиниот долгогодишен пријател Кристијан Бринкур и поранешниот сопруг Жак Шарие, татко на нејзиниот син Никола – настани кои дополнително ја продлабочија нејзината тага.


