ТРЕТ МОБИЛЕН ОПЕРАТОР И НОВИ ПРАВИЛА Што носи 2026 за телекомуникациите

Најмногу поплаки се однесуваат на неквалитетна услуга, изменети договорни услови и високи сметки

ТРЕТ МОБИЛЕН ОПЕРАТОР И НОВИ ПРАВИЛА Што носи 2026 за телекомуникациите
Фото: Национал

Неквалитетна услуга, еднострани измени на условите од претплатничките договори, високи сметки и раскинување на договор со наплата на казнени пенали се најчестите причини поради кои граѓаните лани се обратиле до Агенцијата за електронски комуникации (АЕК) со барање за решавање на спор.

Како што информираат од АЕК за МИА, во текот на годинава до регулаторното тело пристигнале 346 барања за решавање спор, што е благо намалување во однос на 2024 година, кога биле евидентирани 363 случаи.

Од вкупниот број донесени решенија, 45 барања биле целосно усвоени, 14 делумно усвоени, 40 предмети биле затворени по меѓувремено постапување од страна на операторите, додека 109 биле одбиени. Останатите барања биле непотполни, повторно поднесени, отфрлени или Агенцијата не била надлежна да постапува по нив.

„Граѓаните соодветно ги користат механизмите за заштита што ги обезбедува АЕК“, оценуваат од регулаторното тело.

Од АЕК посочуваат дека 2025 година е позитивна од аспект на развојот на пазарот на електронски комуникации, при што сите клучни параметри што се објавуваат на квартално ниво бележат раст.

Операторите веќе обезбедуваат просечна 5G брзина од околу 340 Mbps во градските средини и околу 120 Mbps на патиштата, со што се надминати таргетите од Националниот оперативен бродбенд план, кој е дел од националната ИКТ стратегија СМАРТ/МК 2030.

„Таргетите што требаше да се постигнат до 2029 година веќе се исполнети. Ова ја позиционира Македонија меѓу првите пет до десет држави во Европа по квалитет на мобилните мрежи“, велат од АЕК.

Во текот на 2025 година започна процесот за воведување трет мрежен оператор во мобилната телефонија, чиј официјален влез се очекува на почетокот на 2026 година. Со тоа, како што велат од АЕК, ќе се зголеми конкуренцијата на пазарот – забелешка која подолг период ја истакнуваше и Европската комисија во извештаите за напредокот на државата.

На 24 ноември АЕК ги продолжи роковите од тендерската документација за 96 дена, на барање на единствениот понудувач „Оне Македонија телекомуникации“, во сопственост на унгарската „Фор-ај-џи“. Крајниот рок за избор на најповолен понудувач е 12 јануари 2026 година, а за доделување на радиофреквенции е 25 февруари 2026 година.

Во моментов на пазарот функционираат мрежните оператори Македонски Телеком и А1 Македонија, како и виртуелните оператори Лајкамобајл, МТЕЛ, РОБИ и Греен Телекомуникации.

Следниот месец се очекува да биде пуштена во функција телекомуникациската кула на Водно – капитален објект чија изградба започна во 2013 година. Основната намена на кулата е постигнување електромагнетна компатибилност и зголемување на безбедноста, особено во воздухопловните радиокомуникациски служби.

Кулата е високa 155 метри, со можност за поставување повеќе платформи за предавателни системи, административни простории и ротирачки ресторан со панорамски поглед.

Како значаен исчекор се посочува и новиот Закон за електронски комуникации, целосно усогласен со европското законодавство, кој овозможува воведување на дигитално радио T-DAB по 1 јануари 2026 година.

Приходите на АЕК за 2026 година се планирани на 636,7 милиони денари, што е за 26 проценти помалку во однос на ланските, при што најголемиот дел се очекува од надоместоци за користење радиофреквенции.

Заклучно со вториот квартал годинава, во Македонија се регистрирани 1.954.643 претплатници во мобилната телефонија, 457.763 фиксни линии, 549.109 интернет претплатници со широк опсег и 441.523 претплатници на ТВ услуги.

CATEGORIES
TAGS
Share This