ПЛАТИ, ПЕНЗИИ, КРИВИЧЕН ЗАКОНИК Важни одлуки пред Уставниот суд на денешната седница

На дневен ред се девет иницијативи, а конечни одлуки се очекуваат за пет предмети

ПЛАТИ, ПЕНЗИИ, КРИВИЧЕН ЗАКОНИК Важни одлуки пред Уставниот суд на денешната седница
Фото: Национал

Уставниот суд на Македонија денеска ќе ја одржи 28-та, воедно и последна седница за 2025 година. На дневен ред се девет иницијативи за оценување на уставноста, при што Судот треба да донесе конечни одлуки за пет предмети.

Меѓу предметите што предизвикаа значителен јавен интерес се иницијативите за оспорување на измените на Законот за платите на судиите. Подносителите сметаат дека со намалувањето на коефициентите за пресметка на платите се повредува стекнатото право и дека ваквата мерка не е заснована на реални и оправдани околности. Како аргумент се наведува и судска пракса во која веќе е утврдена разлика во исплатите за јануари 2024 година.

Судот ќе ја разгледува и иницијативата поднесена од Здружението на јавните обвинители, преку неговиот претседател Елвин Вели. Таа се однесува на измените на законите за платите на јавните обвинители и на членовите на Советот на јавните обвинители, за кои се тврди дека ја нарушуваат нивната независност и ја намалуваат предвидливоста на месечните примања.

На дневниот ред е и иницијативата поднесена од Иван Мирчевски и Александар Видиновски, со која се оспорува Правилникот за сообраќајни знаци од 2020 година. Подносителите тврдат дека во правилникот се користи непрописна кратенка за државната ознака – NMK, наместо меѓународно прифатените кодови МК и MKD.

Ќе се разгледуваат и предметите за измените на Кривичниот законик, за кои Уставниот суд уште во февруари 2025 година поведе постапка и му даде рок од шест месеци на Собранието да постапи согласно укажувањата.

На седницата е вклучен и предметот што се однесува на оценувањето на уставноста на член 2 од измените на Законот за пензиско и инвалидско осигурување.

CATEGORIES
TAGS
Share This