МАГЛАТА НАПРАВИ ХАОС НА СКОПСКИОТ АЕРОДРОМ ПАтниците заглавени, летовите откажани

Откажани сите утрински летови, авионите пренасочени кон Софија, Тирана и Солун

МАГЛАТА НАПРАВИ ХАОС НА СКОПСКИОТ АЕРОДРОМ ПАтниците заглавени, летовите откажани
Фото: Национал

Поради исклучително густата магла, утрово се откажани сите летови од Меѓународниот аеродром Скопје. Откажани се летовите на „Визер“ од Скопје кон Дортмунд, Брисел, Париз, Љубљана, Базел, Меминген и Венеција, како и летот за Загреб на „Кроација ерлајнс“ и летот за Истанбул на „Туркиш ерлајнс“.

Во моментов на скопскиот аеродром нема ниту еден авион. Ниту еден од шесте авиони на „Визер“, кои се базирани во Скопје, не успеал синоќа да слета поради маглата. Тие беа пренасочени кон аеродромите во Приштина, Софија, Тирана, Солун и Охрид.

Екипажите на „Визер“ утрово заминаа кон аеродромите каде што се наоѓаат авионите и од таму ќе оперираат дел од летовите кои беа откажани од Скопје, со цел да ги преземат патниците и да ги транспортираат кон македонската престолнина.

И во текот на вчерашниот ден, поради многу слабата видливост, на Меѓународниот аеродром Скопје слетаа само три авиони. Тие успеаја да полетаат попладне, кога временските услови накратко се подобрија. Сите други планирани полетувања беа откажани, а авионите кои требаше да слетаат беа пренасочени кон други аеродроми. Видливоста паѓаше под 100 метри, што е значително под минималните услови за инструментално слетување од категорија 1, со која располага скопскиот аеродром.

Од Меѓународниот аеродром Скопје информираат дека аеродромот е постојано отворен и подготвен за работа, без разлика на временските услови.

„Сите промени во редовниот распоред на летање се ажурираат во реално време на нашата веб-страница. Инфо-пултот работи 24 часа, а патниците можат да се информираат и преку телефонската линија +389 2 3148 333“, велат од аеродромот.

Според прогнозата на Управата за хидрометеоролошки работи, и во наредните три дена во Скопје се очекува променливо облачно време со појава на магла.

CATEGORIES
TAGS
Share This