25 ГОДИНИ МУЗИКА, ЕДЕН ДОМ Симон Трпчески вечерва во Скопје
Програмата е поделена во два дела - Латинска Америка и македонски музички израз

Нашиот реномиран пијанист со светска кариера, Симон Трпчески, вечерва ќе одбележи 25 години од своето уметничко творештво со голем концерт во арената „Борис Трајковски“ во Скопје, со почеток во 20 часот.
Публиката ќе има можност да ужива во спојот на топлината на латиноамериканската музика и македонското музичко творештво, што Трпчески ќе го донесе заедно со диригентот Сашо Татарчевски, ансамблот „Македонисимо“, Оркестарот на Македонската опера и балет, како и неколку специјални гости. Настанот е во организација на „Прагма продукција“, во соработка со Македонската опера и балет.
Концертната програма е поделена во две музички целини. Првиот дел е посветен на звуците и ритмите на Латинска Америка, со дела од автори кои ретко се изведуваат на македонската сцена. Вториот дел ќе го слави македонскиот музички дух преку познати дела во нови аранжмани на композиторот Панде Шахов, кој специјално за овој настан пристигнува од Лондон.
„Ми се исполнува голема желба да ѝ ја приближам на македонската публика убавината на латиноамериканската класична музика. Но, вториот дел од вечерта природно му припаѓа на македонскиот музички израз“ – истакнува Трпчески.
Во текот на својата 25-годишна кариера, пијанистот настапувал во 52 држави ширум светот, но признава дека концертите во татковината за него носат посебна тежина.
„Кога свириш пред своите, емоцијата е поинаква, а одговорноста многу поголема. Тоа секој уметник го чувствува“ – вели Трпчески.


