КОНГРЕС НА ДУИ: Ахмети реизбран, бара нов национален договор

Лидерот на ДУИ предлага воведување „извршен Бадентер“ при изборот на Владата со двојно мнозинство како и во Утсавниот суд..

КОНГРЕС НА ДУИ: Ахмети реизбран, бара нов национален договор
Фото: Принтскрин

Претседателот на Демократската унија за интеграција, Али Ахмети, на денешниот партиски Конгрес во Скопје најави иницијатива за нов „Национален договор за напредок“, повикувајќи на целосен ветинг со меѓународен надзор за сите носители на јавни функции во изминатите 34 години.

Ахмети предложи воведување на т.н. „извршен Бадентер“ при избор на Владата, примена на Бадентеровиот принцип во Уставниот суд, како и нова фаза на функционална и фискална децентрализација.

Според него, предложените мерки имаат цел да го зајакнат унитарниот карактер на државата преку еднакво партнерство на сите заедници, да ја вратат довербата во институциите и да обезбедат стабилна, функционална и праведна држава.

„Унитарната држава може да биде стабилна само ако се темели на доверба и лојалност на сите заедници. Затоа предлагаме три клучни мерки во духот на Рамковниот договор од Охрид, истакна Ахмети.

Како прва мерка, тој предложи изборот на Владата да се врши со двојно мнозинство од вкупниот број пратеници и мнозинство од пратениците кои ги претставуваат немнозинските заедници. Според Ахмети, ова би ѝ обезбедило на Владата двоен демократски легитимитет и реална застапеност на сите заедници.

Втората мерка се однесува на Уставниот суд. Ахмети предложи законите донесени со Бадентерово мнозинство да не можат да бидат поништени без двојно мнозинство и во рамки на самиот суд, со цел заштита на правата на немнозинските заедници.

Како трета мерка, лидерот на ДУИ најави продлабочување на децентрализацијата преку зголемена финансиска автономија на општините, со правична распределба и враќање на даночните и таксените приходи таму каде што се создаваат.

Во делот на владеењето на правото, Ахмети истакна дека ДУИ ја поддржува идејата за темелна истрага на потеклото на имотот, процесот на приватизација и дејствијата на безбедносните служби од 1945 година до денес, нагласувајќи дека правдата мора да биде неселективна.

Тој најави дека „Националниот договор за напредок“ има цел да ги обедини сите заедници и експерти околу заедничка визија за држава заснована на достоинство, еднаквост и европски вредности. На крајот упати повик до младите, жените, професионалците и дијаспората активно да се вклучат во процесот на градење европска иднина.

На Конгресот беа усвоени четири резолуции: за зајакнување на унитарниот карактер на државата и функционалната еднаквост, за владеење на правото и независно судство, за национален договор за напредок и одржлив развој и за европската интеграција.

На петтиот конгрес на Демократската унија за интеграција Али Ахмети е резибран за претседател, Арбер Адеми за генерален секретар доека за потпретседатели се избрни Бујар Османи, Еркан Арифи, Арбана Пашоли, Арта Билали-Зендели и Фатон Ахмети.

CATEGORIES
Share This