ДЕВЕТГОДИШНИЦИ ПУШАТ, ТИНЕЈЏЕРИ ПИЈАТ АЛКОХОЛ – Аларм од ЕСПАД
Истражувањето ЕСПАД 2024 покажува рана употреба на цигари, алкохол и е-цигари кај учениците

Учениците во Македонија сè порано доаѓаат во контакт со цигари, алкохол и други психоактивни супстанци, покажува најновиот извештај од ЕСПАД 2024, презентиран од Институтот за јавно здравје.
Истражувањето, спроведено во 96 средни училишта и опфатени 2.831 ученик, покажува дека 2,9 проценти од учениците ја запалиле првата цигара на 9 години или помлади, додека најчеста возраст за почеток на пушење е меѓу 14 и 15 години. Употребата на е-цигари е во пораст и речиси 30 проценти од учениците ги користеле барем еднаш, а 12 проценти во последниот месец.
Алкохол барем еднаш во животот користеле 62,7 проценти од учениците, а 28,5 проценти имале прво искуство на 13 години или помлади. Тешко епизодно пиење пријавила една третина од учениците, почесто момчињата.
Канабис користеле 5,5 проценти од учениците, а секој четврти ученик се коцкал за пари во изминатата година.
Министерката за образование Весна Јаневска истакна дека се воведуваат нови програми за превенција, додека директорката на Институтот за јавно здравје, Марија Андоновска порачува дека податоците се сериозен аларм и основа за унапредување на здравствените политики.


