ТЕРОРИЗАМ ВО СИДНЕЈ – Фудбалерот Елкајам од македонскиот клуб Илинден меѓу убиените
Елкајам (27) беше високо ценет фудбалер на Рокдејл Илинден и ИТ-аналитичар во NBC Universal.

Францускиот фудбалер Ден Елкајам, кој настапуваше за македонскиот клуб Рокдејл Илинден – Австралија, е една од жртвите на вчерашниот вооружен напад на плажата Бонди во Сиднеј. Тој беше меѓу 16-те лица кои го загубија животот во масакрот, што властите го квалификуваат како терористички напад.
Австралиските служби соопштија дека нападот го извршиле татко и син – едниот е убиен, а другиот приведен. Покрај загинатите, 42 лица се хоспитализирани. Инцидентот се случил за време на еврејски фестивал на плажата.
Смртта на Елкајам ја потврди потпретседателот на Рокдејл Илинден, Лу Тасевски.
„Јас сум скршен од болка. Мојот син игра во Рокдејл Илинден, а двајцата беа одлични пријатели. Ова е трагична загуба и се уште се обидуваме да се справиме со неа“, изјави тој за локалните медиуми.
Елкајам (27) беше француски државјанин, кој во клубот настапуваше последните 12 месеци и беше високо ценет од соиграчите, тренерите и управата. Живееше во Австралија неколку години и работеше како ИТ-аналитичар во NBC Universal. Освен по фудбалскиот талент, тој беше познат и по љубовта кон плажите во Сиднеј и патувањата низ Австралија.


