УТРЕ РАЗРЕШУВАЊЕ НА КОЦЕВСКИ – Четири пленарни седници до крајот на декември

Изборот на нов државен јавен обвинител ќе се реализира во законски предвидените рокови

УТРЕ РАЗРЕШУВАЊЕ НА КОЦЕВСКИ – Четири пленарни седници до крајот на декември
Фото: Национал

Предлогот на Владата за разрешување на државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски се очекува утре да се најде на дневен ред на пленарна седница на Собранието, информираше денеска претседателот на Собранието Африм Гаши на брифинг со новинарите.

Гаши изјави дека сè уште не е испратена покана до Коцевски за да се обрати на седницата, но очекува таа да му биде доставена во текот на денот. Според него, изборот на нов државен јавен обвинител би се реализирал во рамки на законски предвидените рокови.

До крајот на декември се очекува Собранието да одржи четири пленарни седници. На 23 декември, годишно обраќање пред пратениците ќе има претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, додека на 25 декември е закажана седница за пратенички прашања.

Претседателот на Собранието посочи и дека за заокружување на Реформската агенда останува усвојување на уште два закона – Законот за јавни патишта и Законот за Судски совет, кои се во собраниска процедура.

Во однос на најавените предлог-резолуции од СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ поврзани со мигрантите, Гаши информираше дека тие сè уште не се доставени до Собранието.

CATEGORIES
Share This