ПРЕКИНИ ВО ВОДОСНАБДУВАЊЕТО Поради дефект без вода делови од Ѓорче Петров и Сарај

Утрово значителен број домаќинства во општина Сарај, како и во високите зони на Ѓорче Петров, останаа без вода поради сериозен дефект на дел од главната водоводна линија. Од ЈП „Водовод и канализација – Скопје“ соопштуваат дека проблемот се појавил на улица „20“ во Сарај, каде е оштетен затворач со голем дијаметар од 350 милиметри, што довело до целосен прекин во дотокот на вода.
Прекинот се случил околу 7 часот и 30 минути, по што без водоснабдување останале жителите на Лака, Крушопек, Грчец, Шишево, Глумово, Горна и Долна Матка, Арнакија, Љубин и селото Сарај. Во Ѓорче Петров, пак, најмногу се погодени повисоките катови на зградите. Екипите на претпријатието веќе интервенираат на терен, а од таму уверуваат дека работат интензивно за што поскоро воспоставување на нормалниот проток на вода.


