МИЦКОСКИ ОСТРО – Додека сум премиер, нема кампови за мигранти во Македонија

Следи проект „Сејф кантри“ за целосно мониторирање на границите

МИЦКОСКИ ОСТРО – Додека сум премиер, нема кампови за мигранти во Македонија
Фото: Национал

Премиерот Христијан Мицкоски денеска категорично ја отфрли можноста Македонија да прифаќа илегални мигранти, односно баратели на азил кои ќе бидат одбиени во Велика Британија. Тој истовремено ја критикуваше опозицијата дека присвојува тема која „природно“ ѝ припаѓа на ВМРО-ДПМНЕ.

„Со индигнација ги отфрлам шпекулациите дека планираме да правиме било какви кампови за илегални мигранти“, изјави Мицкоски по седницата на Анкетната комисија за трагедијата во Кочани.

Во врска со пишувањата на британските медиуми за можноста Македонија да прифати неуспешни апликанти за азил („failed asylum seekers“), Мицкоски јасно рече дека таква тема не била дискутирана и дека доколку се појави, ќе биде одбиена.

Премиерот посочи дека со Велика Британија било разговарано за заедничка борба против илегалната миграција, нагласувајќи дека Македонија ја „брани Европа од Европа“, бидејќи илегалните мигранти влегуваат преку граници со земја членка на ЕУ.

Мицкоски истакна дека додека тој е премиер, нема да се отвори ниту еден камп за илегални мигранти и нема да се примат такви лица. Напротив, ќе се зајакне борбата против илегалната миграција заедно со сојузниците во НАТО.

На прашањето за обвинувањата од опозицијата и лидерот на СДСМ Венко Филипче, Мицкоски одговори дека тие се занимаваат со „салта и гимнастики“, обидувајќи се да мобилизираат јавност во отсуство на конкретни политики. Тој нагласи дека темата за борба против илегалната миграција е основна вредност на ВМРО-ДПМНЕ и дека опозицијата не може да ја присвои.

Мицкоски најави дека по моделот на проектот „Сејф сити“ во Скопје, на државно ниво ќе се спроведе проект „Сејф кантри“ за целосно мониторирање на границите, со цел спречување на илегална миграција, шверц и нелегална трговија.

„Ова е нешто што за либерално-левичарските политики претставува мисловна именка“, заклучи Мицкоски.

CATEGORIES
TAGS
Share This