СООБРАЌАЕН ХАОС КОН ГРЦИЈА Целосна блокада на „Евзони“, делумна на „Ники“
АМСМ известува за променет режим на движење кон Грција поради блокади на дел од премините.

Авто-мото сојузот на Македонија (АМСМ) денеска соопшти дека поради блокади е променет режимот на движење на граничните премини кон Грција. Од 11 часот, преминот „Евзони“ (Богородица) е целосно затворен за сообраќај во двата правци.
На граничниот премин „Ники“ (Меџитлија) блокадата се однесува само на товарни возила и автобуси, додека патничките моторни возила можат непречено да се движат. Преминот „Дојран“ продолжува да функционира без ограничувања.
АМСМ наведува дека сообраќајот на државните патишта се одвива нормално, по претежно суви коловози. Интензитетот на сообраќај надвор од градовите е умерен, а од македонска страна на граничните премини нема подолги задржувања.
Од АМСМ потсетуваат дека во периодот од 15 ноември до 15 март важи законската обврска за задолжително поседување зимска опрема во возилата, без разлика на моменталните временски услови.
Возачите се повикуваат на зголемено внимание, почитување на сигнализацијата и прилагодена брзина, особено на делниците каде што постои ризик од одрони: Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.


