ЛУКОИЛ МАКЕДОНИЈА ПРОДОЛЖУВА СО НОРМАЛНО РАБОТЕЊЕ – Нема проблеми со снабдувањето
Регулаторната комисија за енергетика потврдува дека санкциите не влијаеле на функционирањето на компанијата, а сите вработени остануваат на своите позиции

Претседателот на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ), Марко Бислимоски, оцени дека е добра вест што бензинските пумпи на Лукоил продолжуваат со работа во земјата. Тој посочи дека во изминатиот месец, и покрај санкциите, нема било какви проблеми во функционирањето на Лукоил Македонија.
„Нема никакви проблеми во снабдувањето со нафтени деривати, сè се одвива нормално. Македонија е најмалку засегната од санкциите во споредба со другите земји, пред сè затоа што кај нас нема рафинерија во сопственост на Русија, ниту Лукоил ниту некоја друга“, рече Бислимоски, додавајќи дека најновата одлука на САД дополнително ќе ја подобри ситуацијата.
Тој истакна дека Лукоил Македонија во текот на изминатиот период се однесувала исклучително коректно – не отпушти ниту еден вработен и презеде сите мерки за непречено функционирање.
„Според информациите кои ги имам, Лукоил Македонија обезбедува нафтени деривати преку домашни трговци, поради што не дојде до прекин во снабдувањето“, додаде Бислимоски.


