ПРЕМИЕРОТ НА ИРСКА – Ќе се испитува инцидентот со дроновите околу авионот на Зеленски

Ирскиот премиер Мајкл Мартин изјави дека Советот за национална безбедност ќе одржи седница на која ќе се разгледува инцидентот со дрон забележан за време на посетата на украинскиот претседател Володимир Зеленски.
Мартин нагласи дека засега нема да коментира за можната вмешаност на Русија додека не биде завршена целосната анализа на случајот, пренесува Укринформ.
„Од почетокот на војната во Украина сведочиме на засилени активности во областа на сајбер безбедноста, како во поморскиот сектор, така и во индустријата за беспилотни летала“, рече премиерот.
Тој додаде дека безбедносните мерки за време на посетата на Зеленски биле „многу добро организирани“, но најави дека ќе се разгледа нивно дополнително зајакнување, особено во делот што се однесува на беспилотни летала.
Во исто време, ирската полиција започна истрага за појавата на дронови во зона со забранет воздушен простор во текот на посетата на Зеленски во Даблин оваа недела.
Да потсетиме, Национал пишуваше како авионот на украинскиот претседател Володимир Зеленски бил следен од четири големи воени дронови пред да слета на аеродромот во Даблин во понеделник.


