ДЕМАНТ ОД БРИТАНСКАТА АМБАСАДА Нема договор за мигрантски кампови во Македонија
Стратешкото партнерство меѓу Лондон и Скопје се фокусира на инфраструктура, безбедност и борба против криминални мрежи, додека политичките партии дома разменуваат обвинувања околу дезинформациите.

Во контекст на пишувањата во одредени британски медиуми и реакциите во земјава за наводно отворање мигрантски кампови, Британската амбасада на социјалните мрежи објави соопштение во кое потсетува дека Велика Британија и Северна Македонија имаат воспоставено Стратешко партнерство насочено кон долгорочна политичка, економска и безбедносна соработка, со цел зајакнување на стабилноста и просперитетот во двете земји.
„По клучната средба меѓу премиерите Стармер и Мицкоски во мај, двете земји воспоставија Стратешко партнерство со фокус на долгорочна политичка, економска и безбедносна рамка. Како дел од ова, потпишано е и партнерство Влада со Влада за реализација на критични инфраструктурни проекти во Северна Македонија. Соработката дополнително беше потврдена и зајакната за време на средбата на двајцата премиери во рамки на Берлинскиот процес кој се одржа во Британија во октомври. Исто така, двете земји заедно работат преку Заедничката работна група за миграција на сузбивање на нерегуларната миграција и организираниот имиграциски криминал, со цел зајакнување на безбедноста и справување со криминалните мрежи. Велика Британија стои цврсто со својот македонски сојузник во НАТО во унапредувањето на безбедноста, просперитетот и економскиот раст“, се наведува на фејсбук-профилот на Амбасадата.
Амбасадорот Метју Лосон уште во мај, на заедничката прес-конференција со премиерот Христијан Мицкоски, категорично ги демантираше информациите од одредени медиуми дека во земјава ќе се градат мигрантски кампови. Тој истакна дека суштината на стратешкото партнерство се инвестиции, економски раст и безбедносна соработка.
„Не станува збор за прифаќање мигранти од Британија, туку за полициска соработка, борба против криминални мрежи и размена на разузнавачки информации“, рече тогаш Лосон.
По вчерашното барање на СДСМ да се објасни што е договорено со британската страна, реагираше ВМРО-ДПМНЕ.
„Да бидеме јасни: Македонија нема, не планира и не преговара за отворање мигрантски кампови. Ова е уште една лага од ‘фабриката’ на истата партија која пред неколку години молчеше пред најголемиот мигрантски бран и ја претвори државата во неконтролирана транзитна зона. Денес, тие истите се претставуваат како загрижени патриоти“, стои во реакцијата на партијата.


