ВИЕ ЌЕ ПРИМАТЕ МИГРАНТИ, НИЕ ЌЕ ВЕ ШТИТИМЕ ОД РУСИЈА – Ваков ли е новиот модел на британска помош

Амбасадорот Лосон ги демантира шпекулациите: Македонија нема да прифаќа мигранти, а договорот се однесува на безбедност и криминални банди

ВИЕ ЌЕ ПРИМАТЕ МИГРАНТИ, НИЕ ЌЕ ВЕ ШТИТИМЕ ОД РУСИЈА – Ваков ли е новиот модел на британска помош
Фото: Принтскрин

Македонија започна формални преговори со Обединетото Кралство околу можноста за соработка во делот на мигрантите чији барања за азил биле одбиени во Британија, пренесува „Дејли мејл“, повикувајќи се на извори од британската влада. Според медиумите, станува збор за нов модел на соработка каде што Велика Британија би пренасочувала одредени категории мигранти кон партнерски земји.

Британските весници наведуваат дека планот предвидува финансиска поддршка за Македонија за секој мигрант што би го прифатила, како и дополнителни инвестиции и програми за зајакнување на безбедносниот сектор, со особен фокус на зголеменото руско влијание на Западен Балкан.

Мигрантите би можеле да поднесат барање за азил во Македонија или да аплицираат за работни визи во области со недостиг на работна сила. За разлика од класичните модели, тие не би биле сместени во затворени центри и би имале слобода да ја напуштат земјата ако одлучат.

Слични разговори Лондон веќе водел со Косово, додека некои други земји во регионот, вклучително и Босна и Херцеговина, одбиле учество во вакви аранжмани. Канцеларијата на британскиот премиер, прашана за преговорите со Македонија, не дала коментар за тековни иницијативи, но истакнала дека Велика Британија работи на „сериозни мерки“ за решавање на миграциските предизвици и дека „не постои едноставно решение“.

На 17 мај 2025 година, премиерот Христијан Мицкоски на прес-конференција го претстави постигнувањето согласност за Заеднички договор за стратешко партнерство меѓу Северна Македонија и Обединетото Кралство, кој беше усогласен на 16 мај во Тирана. Британскиот амбасадор Лосон, одговарајќи на прашања за објавите дека Македонија ќе треба да прифати мигранти, категорично ги отфрли таквите тврдења.

„Како дел од договорите, земјата се согласи да учествува во заедничка мисија во однос на мигрантите. Но, тоа се однесува на полициска соработка, справување со криминални банди и подобро споделување разузнавачки информации, што веќе се практикува со неколку други европски земји. Сосема поинаква приказна е прифаќањето мигранти – за тоа не станува збор. Сакам да бидам јасен“, изјави Лосон.

CATEGORIES
TAGS
Share This