АКТИВНОТО НАСЕЛЕНИЕ РАСТЕ, НЕВРАБОТЕНОСТА ПАЃА Неформалната економија ја крши статистиката

Најновите податоци за состојбата на пазарот на труд покажуваат дека активното население во Северна Македонија во третото тримесечје од 2025 година изнесува 796.930 лица. Иако бројот на невработени е малку зголемен во однос на претходното тримесечје – за 0,4 проценти – сепак е значително понизок во споредба со истиот период минатата година, кога бил повисок за 6,7 проценти.
Од 91.765 невработени лица, речиси две третини се мажи (62,4 проценти), додека жените учествуваат со 37,6 проценти. Во исто време, бројот на вработени продолжува да расте и во третото тримесечје достигнува 705.165 лица, што претставува зголемување од 0,5 проценти. Машките работници повторно доминираат со 57,8 проценти од вкупната бројка, а жените учествуваат со 42,2 проценти.
Еден од најзагрижувачките сегменти останува неформалната вработеност, која покажува континуиран раст. Во оваа категорија се регистрирани 100.619 лица – зголемување од 2,5 проценти во однос на второто тримесечје. Најмногу неформално вработени има во земјоделството, шумарството и рибарството (48,8 проценти), а веднаш потоа следи градежништвото со 17,7 проценти.
Клучните показатели за состојбата на пазарот на труд се следниве:
- Стапка на активност: 52,5 проценти
- Стапка на вработеност: 46,5 проценти
- Стапка на невработеност: 11,5 проценти
Иако трендовите укажуваат на умерено подобрување во споредба со претходната година, растечката неформална економија останува еден од најголемите предизвици за пазарот на труд и за економскиот развој на државата.


