УТРЕ 18. КОНГРЕС НА ВМРО ДПМНЕ – Партиски избори и владина реконструкција следат по конгресот

На Конгресот ќе се избира претседател и ќе се усвојува стратегијата „Македонија 2030“.

УТРЕ 18. КОНГРЕС НА ВМРО ДПМНЕ – Партиски избори и владина реконструкција следат по конгресот
Фото: Принтскрин

Над 2.600 присутни од кои околу 850-860 делегати и дополнителни 1.700-1.800 гости в сабота во Кавадарци ќе учествуваат на 18. Конгрес на ВМРО-ДПМНЕ, на кој ќе се избира претседател на партијата и ќе се усвои стратешкиот документ „Македонија 2030“. Главниот слоган е:

„Визија што гради држава, за генерација што доаѓа 2030 година“.

Премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, изјави дека документот ја претставува визијата на партијата за развојот на државата до 2030 година и дека во моментов се финализираат последните детали. Тој е засега единствениот кандидат за претседател.

Ова ќе биде најмасовниот конгрес досега, со неколку поздравни обраќања од сестрински партии. Настанот ќе следи вообичаена процедура: усвојување на дневниот ред, избор на работно претседателство, усвојување на „Стратегија Македонија 2030“, формирање изборна комисија, презентација на кандидат(и) за претседател, обраќања на делегати и разгледување на материјално-финансискиот извештај на партијата.

Мицкоски истакна дека партијата првпат нема долгови и дека финансиската состојба е стабилна, за разлика од ситуацијата во 2018 година. Замрзнатиот имот, како што појасни, е последица на судска мерка од 2018 година и не е поврзан со долгови или хипотеки. Сметките, кои претходно биле блокирани поради побарувања на доверители, се веќе деблокирани.

По конгресот, Мицкоски ќе учествува на Самитот ЕУ-Западен Балкан во Брисел од 15 до 18 декември. До крајот на годината или почетокот на следната, тој ќе предложи нов состав на Извршниот комитет пред Централниот комитет. Потоа ќе следуваат внатрепартиски избори за претседатели на општински комитети и други организациски тела, процес што треба да заврши до крајот на март или почетокот на април.

Во април и мај, Мицкоски најавува и реконструкција на Владата и дел од централните институции, со цел формирање тим што ќе ја подготвува партијата за следните парламентарни избори, кои доколку нема промени ги очекува во пролетта 2028 година.

CATEGORIES
Share This