ПОЛИТИКА ИЛИ МУЗИКА – Во Женева се гласаше дали Израел ќе биде исклучен од Евровизија 2026
Сепак, на состанокот на Европската радиодифузна унија (ЕБУ) одржан денес, беше одлучено Израел да биде дел од Изборот за песна на Евровизија во Виена во 2026 година.

Националните јавни радиодифузери кои стојат зад Евровизиска песна на Евровизија денес заседаваа во Женева за да решат дали Израел ќе може да учествува на натпреварот во 2026 година, во услови на сè поголеми повици за бојкот поради војната во Газа. Дел од земјите, меѓу кои и Шпанија, најавија повлекување доколку Израел остане дел од натпреварот, додека Германија порача дека ќе се повлече доколку Израел биде исклучен.
Средбата се сметаше за клучен момент за натпреварот што секоја година го следат околу 160 милиони гледачи. Радиодифузерите од Словенија, Ирска, Шпанија и Холандија се заканија со бојкот на натпреварот во Австрија во мај 2026 година, повикувајќи се на бројот на жртви во Газа и обвинувањата дека Израел ги нарушува правилата за политичка неутралност.
Израел, кој годинава заврши на второто место, не ги коментираше обвинувањата, но тврди дека е мета на глобална кампања за дискредитација. Израелскиот јавен сервис КАН соопшти дека активно се подготвува за следното издание и на состанокот ќе го презентира својот став во случај на можно исклучување. Минатата година Израел настапи со Јувал Рафаел и песната „New Day Will Rise“, која освои 357 поени.
Германскиот министер за култура, Волфрам Вајмер, изјави дека Германија не треба да учествува ако Израел биде исклучен, нагласувајќи:
„Не смее да има Евровизија без Израел“.
И германскиот јавен сервис ARD очекуваше конструктивен исход кој ќе биде во согласност со вредностите на ЕБУ и натпреварот.
Австрискиот организатор ORF, исто така, ја поддржува вклученоста на Израел.
Финскиот сервис Yle, пак, условува: ќе учествува само ако новите правила бидат усвоени и ако се гарантира дополнителна безбедност за учесниците и публиката.
„Евровизија треба да остане простор каде што луѓето се поврзуваат и покрај разликите“, изјави директорката Марит аф Бјоркестен.
Сепак, на состанокот на Европската радиодифузна унија (ЕБУ) одржан денес, беше одлучено Израел да биде дел од Изборот за песна на Евровизија во Виена во 2026 година.
Македонија и оваа година нема да учествува, поради финансиски ограничувања. Неофицијално, нашето враќање на Евросонг се очекува во 2027 година.


