ЕНЕРГЕТСКА ЕФИКАСНОСТ НА ДЕЛО Новите згради со задолжително парно каде постои техничка можност
Новите регулативи ќе овозможат секој објект да се приклучи на систем за дистрибуција на топлинска енергија.

Станбено-деловните објекти и објектите за колективно домување на подрачја каде постои техничка можност за приклучок на систем за дистрибуција на топлинска енергија, задолжително ќе се проектираат и градат со целосна машинска и техничка инсталација за парно греење.
Ова се предвидува со Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за градење, кој денеска, по скратена постапка, доби поддршка од собраниската Комисија за транспорт, дигитална трансформација, животна средина и просторно планирање.
Комисијата заклучи дека Предлог-законот може да продолжи во натамошна собраниска процедура, откако констатира дека не се поднесени амандмани.
Со измените се овозможува поефикасно користење на енергијата и подобра топлинска заштита во градските средини каде има можност за приклучување на системи за снабдување со топлинска енергија, како што е парното греење. Со тоа се придонесува и кон подобрување на животната средина во градовите, особено во зимскиот период.
„Измените се носат поради проблемите со обезбедување квалитетно и унифицирано снабдување со топлинска енергија за станбено-деловните објекти и објектите за колективно домување. Целта е да се воспостави стандард за современо градско живеење и да се намали загадувањето во зимскиот период“, се наведува во образложението на Владата.
Исто така, на седницата на Комисијата поддршка доби и Предлог-законот за дополнување на Законот за јавни патишта, во прво читање, кој е со европско знаменце.


