СКАНДАЛ ВО СТРУМИЦА Костадинов незаконски набавил елетрични автобуси за 7 милиони евра

Проектот со електрични автобуси вреден околу 7 милиони евра во фокусот на истрагата

СКАНДАЛ ВО СТРУМИЦА Костадинов незаконски набавил елетрични автобуси за 7 милиони евра
Фото: МВР

Министерството за внатрешни работи (МВР) соопшти дека поранешниот градоначалник на Струмица, Костадин Костадинов, заедно со уште пет лица се сомничат за несовесно работење и злоупотреба на постапката за набавка на електрични автобуси, кои цела година се користат за јавниот превоз во општината.

Костадинов е пријавен за злоупотреба на постапка за јавен повик, доделување договор за јавна набавка или јавно-приватно партнерство. Меѓу пријавените е и лице од Скопје, одговорно за реализацијата на договорот, иако не ги поседувал потребните стручни квалификации.

Според МВР, поранешниот градоначалник К. К. ги прекршил правилата на постапката за јавна набавка преку ангажирање на Г. П. како одговорно лице за технички прашања, учество во евалуација на понудите и надзор над имплементацијата, иако тој немал потребни лиценци и квалификации. Дополнително, според МВР, тендерската документација била формулирана така што речиси идентично одговарала на спецификациите на набавените автобуси, што укажува на можни неправилности.

Костадинов ги отфрла овие наводи и тврди дека проектот бил спроведен согласно сите законски постапки, вклучувајќи иницирање, одобрување во Советот, формирање јавно претпријатие, спроведување на јавната набавка и имплементација на проектот. Тој на својот Фејсбук профил истакна дека е подготвен, заедно со останатите лица, да соработува со надлежните органи за појаснување на сите детали.

Останатите четири лица, вклучувајќи го директорот на „Струмица Транспорт“ и членови на Комисијата за јавни набавки, се товарат дека не обезбедиле надзор врз целата постапка, при што било ангажирано лице без стручни компетенции. Во рамки на постапката биле набавени 10 електрични автобуси на лизинг, со вредност од околу 429,9 милиони денари (околу 7 милиони евра).

МВР посочува дека постапката довела до материјална штета, бидејќи отсуството на квалификувано лице го ставило во прашање квалитетот, веродостојноста и реалната вредност на техничките спецификации на набавените автобуси.

CATEGORIES
TAGS
Share This