ПЛАТФОРМА КАКО СЕ ТРОШАТ ЈАВНИТЕ ПАРИ – Немаме што да криеме вели Мицкоски
Новата владина платформа овозможува транспарентно следење на 288 започнати проекти финансирани од унгарскиот кредит.

Премиерот Христијан Мицкоски денеска ја промовираше новата Платформа за следење на владините проекти, оценувајќи дека станува збор за значаен исчекор во политичката култура и во транспарентното управување со јавните средства.
Тој истакна дека за првпат во државата се воспоставува систем што им овозможува на граѓаните, новинарите и општините во реално време да го следат напредокот на сите проекти финансирани од Владата.
„Платформата ја симболизира нашата заложба за интегритет, чесност и јавен надзор над секоја инвестиција. Со неа ја отвораме работата на институциите и градиме нова рамка на доверба“, рече Мицкоски.
Премиерот ја потенцираше и важноста на алатката за медиумите, кои ќе можат со неколку кликови да следат договори, рокови и тек на реализација. поддршка, како што рече, за истражувачкото новинарство. Мицкоски истакна дека транспарентноста е клучен демократски принцип и најсилен одговор на дезинформациите:
„Ова не е само технолошки проект, туку политичка порака бидејќи немаме што да криеме“.
Во рамки на првиот јавен повик се реализираат 288 проекти во вредност од 4,6 милијарди денари (близу 75 милиони евра). Од нив, 193 се завршени, 26 во завршна фаза, 89 активно се реализираат, а за 6 тендерите се финализирани.
Проектите опфаќаат нови улици, плоштади, водоводи и канализации, паркови, фекални системи, спортски и културни објекти, училишта и градинки – повеќе од 220 инфраструктурни и десетици проекти во животна средина, образование, култура и спорт.
Преку вториот јавен повик се предвидени уште 828 проекти во вредност од 13,8 милијарди денари (над 225 милиони евра). Повеќе од 50 се веќе завршени или при крај, а за над 500 има склучени договори.
„Ова значи уште поинтензивен инвестициски циклус и повеќе градилишта, повеќе машини и повеќе резултати за граѓаните“, рече премиерот.
Владината портпаролка Марија Митева најави дека Платформата ќе се надградува и дополнително ќе се унапредува.


