НА ПОВИДОК НОВА ДРЖАВНА ОБВРЗНИЦА Кој има вишок пари да инвестира, каматата е привлечна
Наскоро нова Државна обврзница која ги поттикнува граѓаните да вложуваат и за оние што штедат и размислуваат за иднината.

Нова емисија на Граѓанската обврзница ќе биде објавена во првата половина на декември, најави министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска, во телевизиско гостување.
Таа нагласи дека кога ќе биде објавен проспектот, јавноста ќе има увид во сите детали за издавањето на Граѓанската обврзница. Исто така, во изминатиот период се забележал зголемен интерес од граѓаните за оваа инвестиција.
„Граѓаните континуирано поставуваа прашања до Министерството за финансии дали ќе има нова емисија на Граѓанската обврзница. Ова покажува дека културата на инвестирање кај граѓаните се менува. Очекувам истата група на инвеститори, која брои околу 2.000 лица, повторно да вложи, и тоа не се големи износи“, истакна Димитриеска-Кочоска.
Министерката појасни дека врз основа на ваквиот интерес се анализирале искуствата од Словенија и Хрватска. Според анализите, во Словенија интересот бил минимален, додека во Хрватска бил многу голем.
Во интервјуто, Димитриеска-Кочоска информираше дека од унгарскиот заем наменет за поддршка на домашните компании досега се пласирани 190 милиони евра. Целта, како што рече, е да се поддржат компаниите да инвестираат и да продолжат со својата дејност.
„Преку бројки сме докажале дека целта е постигната. Ако БДП покажува раздвижувања, а статистиката за градежништво раст, тоа значи дека сме успеале да помогнеме на приватниот сектор. Целта беше компаниите да добијат поддршка за инвестиции и да не размислуваат да се префрлат во други земји. Преку овие инвестиции тоа е постигнато“, посочи министерката.
Во однос на средствата од унгарскиот заем за поддршка на проекти во општините, таа наведе дека досега се реализирани 21 милион денари во 2024 година и 2,2 милијарди денари во 2025 година, но додаде дека реализацијата на терен може да биде поголема и тоа ќе се види наскоро.
Димитриеска-Кочоска истакна дека јавниот долг не претставува загриженост кога проектираните стапки на раст се од 3,5% до 3,8% и ќе се остварат.
„Нема поголем доказ од растот на БДП дека Владата работи правилно. Стапките на БДП јасно покажуваат дали политиката е добра“, заклучи министерката.

