ПРЕМИЕРОТ НАЈАВИ НОВ МОДЕЛ – Судството ќе вработува и троши самостојно, но со строга контрола

Владата анализира европски примери за определување на процентот од државниот буџет.

ПРЕМИЕРОТ НАЈАВИ НОВ МОДЕЛ – Судството ќе вработува и троши самостојно, но со строга контрола
Фото: Влада

До крајот на годинава ќе бидат донесени реформските закони во правосудството што треба да обезбедат финансиска независност на судската власт, најави денеска премиерот Христијан Мицкоски.

Тој објасни дека со финансиската независност судовите ќе можат самостојно да вработуваат, да го планираат и распределуваат сопствениот буџет, а за секоја потрошена пара ќе мора да дадат отчет.

Мицкоски откри дека вчера имал состанок со министрите за надворешни работи, трговија, европски прашања и финансии, на кој биле анализирани неколку европски модели. Притоа посочи дека Македонија не може да бара буџетски удел од 0,8 проценти за правосудството, ако во развиени земји тој износ е 0,2 до 0,4 проценти.

„Анализираме неколку решенија – дали процентот се однесува на приходната страна, на вкупните приходи или на БДП. Но кога ќе го добијат тој буџет, ќе мора да одговараат за секој денар. Од хигиена до реконструкции. Сами да вработуваат, сами да си ги покриваат трошоците и да се исплаќаат во рамките на буџетскиот процент кој ќе го утврдиме“, рече премиерот.

Тој нагласи дека од судската власт ќе бара едно единствено нешто – одговорност.

„Ние како Влада ќе го овозможиме тоа. Но ќе бараме одговорност за сите народни пари, преку Државниот завод за ревизија и собраниската надзорна комисија. Тоа се пари на граѓаните. Како што мене ме контролираат, така ќе ги контролираат и нив“, порача Мицкоски.

Според него, целта е да се надмине „едноцифрената поддршка“ за судиите и обвинителите, затоа што во спротивно „ништо не сме направиле“.

„Јас сум прв што се залага тие да го добијат тоа. Очекувам Брисел да го поздрави чекорот. Еве, велат дека немало реформи – ќе ги донесеме до Нова година. Да видиме дали тоа било пречката или нешто друго“, додаде тој.

Премиерот избегна да го коментира заедничкото соопштение на Судскиот совет, Врховниот суд и Здружението на судиите, реферирајќи дека ставот на јавноста е поважен.

„Не сакам да одговарам на такви дописи. Нека кажат граѓаните дали се задоволни од испораката на правда“, рече Мицкоски.

Тој повтори дека ќе остане доследен на ставот дека ќе се следи секоја буџетска расходна ставка на судството.

„Ќе гледаме каде оди секој денар. Да не се случи дел од нив да завршат на обвинителна клупа“, заклучи премиерот.

CATEGORIES
TAGS
Share This