ШОКАНТНИ НАОДИ Пресметувале профити и непотребно стентирале и оперирале срце кај десет пациенти

Наодите укажуваат дека ова не е само пропуст туку чин што го нарушува најсветиот медицински принцип: да не се наштети

ШОКАНТНИ НАОДИ Пресметувале профити и непотребно стентирале и оперирале срце кај десет пациенти
Фото: Национал

Од вкупно 25 пристигнати случаи, Интерната комисија за кардиолошки и кардиохируршки интервенции анализирала 19. Кај 10 од нив утврдила дека биле извршени непотребни операции или пациенти биле неоправдано упатени на операции, соопшти министерот за здравство Азир Алиу на денешната прес-конференција.

Од останатите случаи, шест ќе бидат проследени до Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ), бидејќи не се во надлежност на комисијата.

Претседавачот на комисијата, др. Жарко Христовски, објасни дека во првата фаза анализата се однесувала исклучиво на потребата од реваскуларизација кај пациенти со васкуларни заболувања. Анализата на другите категории пациенти ќе продолжи по нови пријави или во следните фази на работата.

Комисијата беше формирана по објавите на кардиохирургот Сашко Кадев, кој предупреди дека во одредени приватни болници се вршат непотребни интервенции со цел финансиска добивка, меѓу кои и неоправдани стентирања и операции.

Д-р Христовски најави дека комисијата, заедно со меѓународната стручна комисија составена од доктори од странство, ќе продолжи да работи на сите сомнителни случаи.

„Од досега пријавените случаи, кај поголемиот дел утврдивме неправилно упатување и неправилно извршени интервенции“, изјави д-р Лозанче.

Министерот Алиу нагласи дека ова е само прелиминарен извештај. По дополнителната анализа со странските експерти ќе стане јасно дали нивните наоди ги потврдуваат овие заклучоци. Дури тогаш може да се размислува за доставување на извештајот до други институции, меѓу кои и до Јавното обвинителство.

Претставниците на комисијата засега не откриваат дали спорните интервенции го загрозиле здравјето на пациентите, ниту колку чинеле тие скапи постапки, ниту пак во кои болници се изведени.

„Станува збор за човечки животи, не само за финансиски средства“, рече Христовски, додавајќи дека комисијата работела исклучиво по пријави од пациенти.

Истакна дека претстои многу работа, по што ќе следи и рандомизирана студија која би опфатила поголем број случаи. Објасни дека анализираните случаи се од сите болници во Македонија што изведуваат кардиоваскуларни интервенции, но дека објавувањето имиња во оваа фаза би било „неетично и незаконски“.

CATEGORIES
TAGS
Share This