МИНИСТЕР НЕ ЗНАЕ МАКЕДОНСКИ, МИНИСТЕРКА НЕ ЗБОРУВА АЛБАНСКИ – Јазична конфузија во Владата, но и двајцата ветија ќе почнат да учат македонски и албански
Министерката за образование објасни дека нејзината изјава била недоразбирање и најави дека ќе почне да го учи албанскиот јазик.

Министерот за добро владеење, Арбен Фетаи, одговори на новинарско прашање во врска со тоа до каде е со учењето на македонскиот јазик, откако неговата партија вчера ја критикуваше министерката за образование, Весна Јаневска, дека не знае ниту еден збор албански. Од партијата порачаа дека секој министер, особено оној задолжен за образование, треба да знае барем дел од јазикот на заедниците, бидејќи живееме во мултиетничка средина.
Фетаи, кој во јавните настапи најчесто зборува на албански или англиски, изјави дека најголем дел од својот живот поминал во странство, но дека активно го учи македонскиот јазик.
Премиерот Христијан Мицкоски уште претходно реагираше на ситуација кога министерот даваше изјава без преведувач, нагласувајќи дека разговарале и дека Фетаи ќе продолжи да го изучува македонскиот, а до тогаш во јавните настапи задолжително ќе користи преведувач – како што беше случај и денеска.
Во меѓувреме, коалицискиот партнер Вреди ја критикуваше министерката Јаневска поради нејзиното однесување на настан во Тетово, кога побарала градоначалникот Билал Касами да одговара само на македонски, за да може да го разбере. Од Вреди оценија дека не треба да ја фрустрира тоа што не знае албански, бидејќи Тетово е мултиетнички град.
Јаневска подоцна вечерта за медиумите изјави дека ѝ е жал за недоразбирањето, дека Касами ѝ појаснил дека ќе одговори и на македонски, и дека, кога ќе има време, ќе почне да учи албански.


