Нови македонски учебници по историја пред бугарските историчари – Комисијата повторно без напредок
На последниот состанок во Скопје, македонскиот тим ги достави учебниците за петто и шесто одделение, но разликите во толкувањето на историјата остануваат. Нови дискусии се очекуваат на 11 и 12 декември во Софија.

Македонскиот тим историчари, членови на Заедничката експертска комисија со Бугарија, на последниот состанок одржан во петок во Скопје, им ги доставија на увид новите учебници по Историја и општество за петто и шесто одделение.
Иако нема официјални информации дали бугарската страна ги побарала овие учебници и дали има забелешки за нивната содржина, во соопштението на македонскиот тим се наведува:
„За време на средбата од македонска страна беа доставени новите учебници за Историја и општество за V и VI одделение. Со оглед на новата реалност, се разговараше за идниот пристап и методологијата во однос на дискусиите за учебниците. Темата ќе продолжи на следната средба. Македонскиот тим, преку својот проактивен пристап за градење доверба, продолжува да работи на изнаоѓање одржливи решенија, засновани на взаемно почитување и на сувереното право на различна перцепција кон минатото.“
Од бугарскиот тим, пак, соопштија за нивните медиуми дека и покрај декларативната заложба на македонските колеги за поефикасна работа, остануваат разликите во разбирањето на природата на Комисијата. За надминување на застојот, бугарската страна предложила дополнителен онлајн состанок на почетокот на декември.
Министерката за образование и наука Весна Јаневска за ТВ Сител потврди дека учебниците што се доставени се токму оние што од оваа учебна година се користат во наставата, а одобрени се од Бирото за развој на образованието и од МОН.
Да потсетиме, учебникот по историја и општество за петто одделение во 2023 година беше повлечен само неколку дена по неговото издавање, поради утврдени грешки и содржини што не одговараа на наставната програма.
Иако со променет состав на македонската страна, на последните средби не е постигнат значаен напредок. Претходно, историчарите веќе го доставиле и учебникот по историја за седмо одделение на разгледување.
Поранешниот состав на Комисијата имаше усвоено по пет препораки од двете страни за надминување на историските разлики во учебниците за петто и шесто одделение, особено во делот што го опфаќа античкиот период. Тогаш беа усвоени и препораки за заедничко чествување на Светите Кирил и Методиј, Свети Климент, Свети Наум и Цар Самоил – последен конкретен исчекор во работата на Комисијата.
Новите учебници по историја за петто, шесто и седмо одделение ќе бидат тема на наредниот состанок на заедничката историска комисија, кој ќе се одржи на 11 и 12 декември во Софија.

