СЛЕДНАТА НЕДЕЛА ИЗВЕСТУВАЊЕ ОД ДИК – Следува избор на повереници
Премиерот најави дека Владата има рок од 15 дена да реагира по добивањето на извештајот и да ги предложи доверениците.

Владата ќе именува повереници во општините каде што не беа избрани градоначалници на локалните избори, но тоа ќе се случи дури откако Државната изборна комисија (ДИК) официјално ќе ги заврши изборните постапки и ќе ја информира Владата.
Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека засега не се разговарало за конкретни имиња и дека тие консултации со коалициските партнери ќе следуваат по добивањето на официјалното известување од ДИК.
„Најпрво треба ДИК да ги заврши изборите и да ја извести Владата. Очекувам тоа да се случи следната недела. Потоа Владата има рок од 15 дена да постапи по тоа известување, а ДИК ќе го информира Собранието, кое пак има обврска во рок од 60 дена да распише нови избори во општините каде изборите беа неуспешни. На повторените избори веќе нема да важи условот за цензус на излезеност“, рече Мицкоски при увид во градежните работи за проектот „Градски воз“.
Тој најави дека откако Владата ќе го добие известувањето, ќе следува средба со коалициските партнери за усогласување на предлозите за повереници во општините каде изборите не успеаја.
Повторени избори за градоначалници ќе се одржат во општините Гостивар, Маврово и Ростуша, Центар Жупа и Врапчиште, бидејќи во првиот изборен круг не беше исполнет условот за излезност од најмалку една третина од запишаните избирачи.

