ПРИВАТНИТЕ ПРЕВОЗНИЦИ СЕ ВРАЌААТ НА УЛИЦИТЕ – 55 автобуси стартуваат од понеделник

Градоначалникот најави стабилизација на јавниот превоз и исплата на долговите кон приватните оператори.

ПРИВАТНИТЕ ПРЕВОЗНИЦИ СЕ ВРАЌААТ НА УЛИЦИТЕ – 55 автобуси стартуваат од понеделник
Фото: Национал

Од понеделник 55 автобуси од приватните превозници повторно ќе се вклучат во јавниот градски сообраќај во Скопје, а до крајот на годината се очекува да сообраќаат уште 20 возила. Со ова, според надлежните, значително треба да се подобри функционирањето на градскиот превоз.

Претставникот на приватните превозници, Јовица Зафировски, изјави дека нивните автобуси се еколошки, чисти и климатизирани, и изрази надеж дека ќе се ревидира возниот ред за автобусите да пристигнуваат навреме, како што е наведено на електронските табли.

Денеска приватните превозници одржаа средба со новиот градоначалник на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, на која се договорија за поинтензивно вклучување во опслужување на линиите, како и за решавање на наталожените долгови кон нив.

Во март наредната година се очекува пристигнување на 80 нови автобуси што ќе ги набави Владата, по што, како што најави Ѓорѓиевски, јавниот превоз треба целосно да се стабилизира.

На денешната заедничка прес-конференција со претставниците на приватните превозници, градоначалникот информираше дека конечно се потпишани лиценците за работа.

„На овие превозници со месеци наназад не им се потпишуваа лиценците од, за мене, неразбирливи причини. Со тоа се правеа опструкции на граѓаните кои имаат право на редовен јавен превоз. Дополнително, проблемот со неплатените обврски кон нив ќе биде решен следната година, по промените во менаџментот на ЈСП Скопје“, изјави Ѓорѓиевски.

Тој најави дека следната недела ќе се одржи нов состанок со превозниците, на кој ќе се усогласи динамиката на редовните исплати и ќе се финализира возниот ред. Според приватните превозници, долгот што Град Скопје и ЈСП го имаат кон нив изнесува околу 180 милиони денари.

Ѓорѓиевски исто така посочи дека на наредната седница на Советот на Град Скопје, на која ќе се разгледува ребалансот на буџетот, ќе биде предложено во него да се вклучи и проектот за брз автобуски превоз (БРТ), со цел неговата реализација да започне што поскоро.

CATEGORIES
TAGS
Share This