КОРУПЦИСКА АКЦИЈА Директор на Агенцијата за финансиска поддршка уапсен за мито

Акцијата ја спроведоа ОЈО ГОКК и МВР по пријава за корупција.

КОРУПЦИСКА АКЦИЈА Директор на Агенцијата за финансиска поддршка уапсен за мито
Фото: Принтскрин

Директорот на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, Илија Стоилев, е уапсен денеска под сомнение за земање мито, пренесуваат повеќе медиуми.

Акцијата ја спроведоа Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК), истражителите од Истражниот центар при ОЈО ГОКК и екипи на Министерството за внатрешни работи.

Според првичните информации, беа извршени претреси на повеќе локации низ земјата поради основани сомневања за корупција. Попладнево, тимови од Управата за финансиска полиција, МВР и истражители влегле во просториите на Агенцијата.

Неофицијално, акцијата е поврзана со пријава дека Стоилев побарал и примил мито од апликант за да му се додели договор за финансиска поддршка преку програмата ИПАРД. Апликантот, кој ја пријавил сомнителната активност, користел обележани банкноти, со чија помош директорот бил фатен при земањето на парите.

Национал дознава дека лицето кое го пријавило случајот и учествувал во акцијата е поранешен министер во Владата на ВМРО-ДПМНЕ.

Илија Стоилев кој е председател на ОК на ВМРО ДПМНЕ во Свети Николе е назначен за в.д директор во јули 2024 година, од страна на Владата на ВМРО-ДПМНЕ. По образование е дипломиран земјоделски инженер, отсек сточарство, а претходно работел како професор на Земјоделскиот факултет при УКИМ во Скопје.

CATEGORIES
TAGS
Share This