ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ, ДУИ И ВЛЕН СО 560 ЧАСА РЕКЛАМИ ЗА ИЗБОРИТЕ – Другите партии со нула минути

Вкупно 68 радиодифузери емитувале над 560 часа политички реклами – најмногу време закупи ВМРО–ДПМНЕ

ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ, ДУИ И ВЛЕН СО 560 ЧАСА РЕКЛАМИ ЗА ИЗБОРИТЕ – Другите партии со нула минути
Фото: Принтскрин

Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ), согласно законската обврска од член 76-д став 8 од Изборниот законик, до Државната изборна комисија го достави Извештајот за платеното политичко рекламирање на радиодифузерите за време на првиот круг од изборната кампања за Локалните избори 2025, спроведена од 29 септември до 17 октомври 2025 година.

Според податоците од извештајот, добиени преку мониторинг и проверка на реализираните услуги кај радиодифузерите, од вкупно 75 радиодифузери (33 телевизии и 42 радија) регистрирани во Регистарот на ДИК, 68 медиуми (33 телевизии и 35 радија) склучиле договори со учесниците во изборната кампања.

Во овој период, на телевизиите биле емитувани 377 часа, 20 минути и 10 секунди, а на радијата 185 часа, 17 минути и 43 секунди платено политичко рекламирање, односно вкупно 562 часа, 37 минути и 53 секунди.

Од деветте национални телевизии кои емитувале платено политичко рекламирање, најголем обем на рекламно време имале: Канал 5 – 41 час, 7 минути и 53 секунди, Алсат-М – 34 часа, 54 минути и 29 секунди, ТВ 21 (Компани 21-М) – 27 часа, 3 минути и 57 секунди

Кај националните радија, сите четири склучиле договори, а најмногу рекламно време имале: Антена 5 – 14 часа, 8 минути и 27 секунди, Канал 77 – 9 часа, 49 минути и 40 секунди

Најмногу време за платено политичко рекламирање закупиле: Коалицијата „Твоја Македонија“ предводена од ВМРО–ДПМНЕ – 189 часа, 39 минути и 20 секунди, Коалицијата „Национална алијанса за интеграција (НАИ)“ предводена од ДУИ – 119 часа, 5 минути и 50 секунди, Коалицијата за Локални избори 2025 предводена од СДСМ – 109 часа, 25 минути и 5 секунди и Коалицијата „Влен“ – 76 часа, 42 минути и 2 секунди

Целосниот Извештај за платеното политичко рекламирање на радиодифузерите за првиот круг од изборната кампања е достапен на веб-страницата на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ).

CATEGORIES
TAGS
Share This