ФИЛИПЧЕ НАЈАВУВА – Проширен опозициски фронт и нови имиња во СДСМ

Нови имиња и повратници во врвот на партијата

ФИЛИПЧЕ НАЈАВУВА – Проширен опозициски фронт и нови имиња во СДСМ
Фото: Национал

Лидерот на СДСМ, Венко Филипче најавува не само нови имиња во раководството на СДСМ, туку и широка опозициона платформа. Иако внатрепартиските преструктуирања беа најавени за оваа недела, Филипче истакна дека процесот е покомплексен и ќе побара повеќе време за негово целосно реализирање.

Тој посочи дека во партијата веќе има и повратници, додека за некои оставки од повисоките органи на СДСМ не даде коментар, нагласувајќи дека идните чекори ќе бидат внимателно планирани, земајќи ја предвид и емотивната состојба во партијата. Според него, одговорноста е колективна, а не само на еден човек.

Филипче се осврна и на резолуцијата што ја најави пред два месеци. Иако вчера спикерот на Собранието, Гаши, изјави дека документот официјално не е доставен до законодавниот дом, Филипче потенцира дека ќе постапи политички коректно, давајќи време на партиите да ја разгледаат.

Тој не ја исклучи и можноста за разговори „на иста маса“ доколку има заинтересираност за тоа. Од владејачката ВМРО-ДПМНЕ продолжија со критики кон Филипче, обвинувајќи го за состојбата во која се наоѓа СДСМ.

Во последниот период, по оставката на потпретседателката на партијата Ана Чупевска, својата функција ја напушти и претседателот на општинската организација во Ѓорче Петров, Костадин Ацевски, кој истовремено побара оставки од лидерот и од целото раководство на СДСМ. Тој го образложи својот потег со лошите резултати на последните локални избори, како и со начинот на делување на партијата.

CATEGORIES
Share This