ФИЛИПЧЕ НАЈАВУВА ЧИСТКА ВО РАКОВОДСТВОТО Време е за нова енергија во партијата
Во својата изјава, тој потсети дека ја презел партијата пред една и пол година, во период кога СДСМ се соочувала со тежок пораз и голем пад на поддршката.

Лидерот на СДСМ, Венко Филипче, најави дека по завршувањето на локалните избори ќе следуваат кадровски промени во раководството на партијата. Како што изјави, оваа одлука произлегува од резултатите во првиот изборен круг, особено во некои скопски општини каде што партијата не го постигнала очекуваниот успех.
„За мене овие избори се показател како треба да се поставиме и функционираме во следниот период. Очигледно е дека во општините каде што немавме добар резултат треба да продолжиме со уште поинтензивна работа. Во тој контекст, по изборите ќе следуваат политички и кадровски промени, за што јавноста ќе биде навреме известена,“ изјави Филипче одговарајќи на новинарски прашања.
Тој истакна и дека СДСМ се соочувала со сериозни притисоци во дел од општините, преку финансиски контроли, институционални влијанија и нудење пари за гласови.
„Сето тоа го пријавивме до надлежните институции, но работевме во навистина тешки околности,“ додаде тој.
Од Аеродром, Филипче ги повика граѓаните во вториот круг да го поддржат кандидатот на СДСМ за градоначалник, Александар Трајановски.
Во својата изјава, тој потсети дека ја презел партијата пред една и пол година, во период кога СДСМ се соочувала со тежок пораз и голем пад на поддршката.
„Кога ја презедов партијата, таа беше во навистина лоша состојба – по пораз со разлика од 300.000 гласови. Во изминатата година и пол интензивно работев со општинските организации и со илјадници наши членови. Резултатите сега покажуваат дека таму каде што имавме посветена работа – има и видлив напредок,“ рече Филипче.
Тој додаде дека СДСМ веќе има избрани градоначалници во дел од општините, а во уште 16-17 општини партијата влегува во втор круг.
„Во тие општини бројот на гласови е значајно зголемен – некаде за 40 до 50 проценти, а некаде дури и двојно повеќе. Тоа е доказ дека вложената работа дава резултати. Сепак, во дел од скопските општини не успеавме да постигнеме таков напредок, и токму таму ќе направиме анализи и промени,“ порача Филипче.


