ПО СКАНДАЛОТ СО БЕЛО Доктор Кузмановски под ментор и со задолжителна проверка

Комората изрази јасна и недвосмислена морална осуда за неговото однесување, оценувајќи дека со тоа се прекршени етичките норми и се нарушени достоинството и угледот на лекарската професија.

ПО СКАНДАЛОТ СО БЕЛО Доктор Кузмановски под ментор и со задолжителна проверка
Фото: Принтскрин

Комисијата за етички и правни прашања при Лекарската комора, постапувајќи со највисока сериозност и одговорност, го разгледа барањето за продолжување на лиценцата за работа на д-р Кузмановски.

Врз основа на утврдените наводи и со цел да се обезбеди заштита на пациентите и зачувување на интегритетот на лекарската професија, Комората покрај законски пропишаните услови одлучи да спроведе дополнителни мерки. Со одлука на Комората, д-р Кузмановски ќе може да добие продолжување на лиценцата само по завршување на тримесечна специјализирана обука под надзор на назначен ментор. По завршувањето на обуката, тој ќе биде подложен на проверка на стручните знаења и способности преку стручен испит.

Имајќи предвид дека Законот за здравствена заштита прецизно ги дефинира условите за издавање, обновување и одземање на лиценците за работа, а во отсуство на судска пресуда или друг правен акт што би наложил одбивање на барањето, Комората ја искористи својата законска надлежност за воведување засилен механизам на контрола и едукација.

Паралелно, во рамки на Комората се води постапка поврзана со етичкото однесување на докторот. Комората изрази јасна и недвосмислена морална осуда за неговото однесување, оценувајќи дека со тоа се прекршени етичките норми и се нарушени достоинството и угледот на лекарската професија.

За донесување на конечна, целосно аргументирана и праведна одлука, Комората ги очекува извештаите од комисиите на Министерството за здравство и Универзитетската клиника за неврологија, кои треба да дадат сеопфатна слика за стручниот и професионалниот капацитет на докторот. Конечната одлука ќе биде донесена по внимателна анализа на сите прибрани наоди и извештаи.

CATEGORIES
Share This