МЕЃУНАРОДНИ НАБЉУДУВАЧИ Локалните избори конкурентни, но со сериозни слабости

Изборите на 19 октомври во Северна Македонија беа добро организирани и претежно мирни, но набљудувачите предупредуваат на злоупотреба на јавни ресурси, притисоци врз гласачи и нерамноправен пристап до медиумите, како и недоволно учество на жени и проблеми со пристапност за лица со попреченост.

МЕЃУНАРОДНИ НАБЉУДУВАЧИ Локалните избори конкурентни, но со сериозни слабости
Фото: Национал

Локалните избори од 19 октомври беа конкурентни и им понудија на граѓаните вистински избор меѓу политички алтернативи, но процесот беше засенет од правни празнини, ограничени институционални капацитети и силна политичка поларизација, соопштија меѓународните набљудувачи во прелиминарниот извештај.

Заедничката набљудувачка мисија на ОБСЕ/ОДИХР, Конгресот на локални и регионални власти на Советот на Европа и Европскиот парламент оцени дека изборите се одвивале во атмосфера на разочараност од политиката и широко распространета перцепција за корупција.

Шефот на мисијата на ОБСЕ/ОДИХР, Матео Мекачи, истакна дека изборната администрација генерално работела ефикасно и во законски рокови, но нејзината работа ја отежнале застарената инфраструктура, ограничените ресурси и недореченото законодавство.

„Добивме конкурентна кампања и добро организиран, претежно мирен изборен ден, но остануваат сериозни слабости во изборното законодавство кои го поткопуваат институционалниот систем,“ изјави Мекачи.

Тој предупреди на злоупотреби на јавни ресурси, притисоци врз вработени во јавниот сектор, заплашување на гласачи и купување гласови – појави што, според него, се спротивни на меѓународните стандарди.

„Клучните аспекти од изборниот процес бараат реформи – од финансирање на кампањата до еднаков пристап до медиумите,“ додаде тој.

Во извештајот се наведува дека јавните средства се значаен дел од финансирањето на кампањите, но нивната распределба ги фаворизира големите партии и ги маргинализира малите и независните кандидати. Иако правната рамка обезбедува основа за демократски избори, таа содржи бројни празнини и нејаснотии.

Набљудувачите потсетија и на одлуката на Уставниот суд од мај 2025 година со која беа укинати одредбите за потребниот број потписи за независни кандидати, како и интервенцијата на ДИК со која беа барани само два потписа за пријава. Иако тоа било практично решение, мисијата оцени дека со тоа се поставил преседан што го доведува во прашање принципот на поделба на власта.

Гобинт Ни Вимнехан, шефица на делегацијата од Конгресот на Советот на Европа, посочи дека изборниот ден бил генерално добро организиран, но го нагласи ниското учество на жени кандидати, недостигот од пристапност за лица со попреченост и постари лица, како и проблемите со биометриската идентификација. Таа препорача подобрување на техничките решенија и појасно означување на гласачките ливчиња.

Мониторингот на медиумите покажал генерално избалансирано известување, но со ограничен пристап за кандидати надвор од главниот град.

„Недостатокот од локални медиуми го намалува покривањето на теми од локално значење и ја зголемува поларизацијата,“ истакна Ни Вимнехан.

Според набљудувачите, изборите беа придружени и со силно присуство на дезинформации на социјалните мрежи и слаба регулација на дигиталните кампањи.

Марта Темидо, шефица на делегацијата на Европскиот парламент, изјави дека иако европската интеграција не била во центарот на кампањата, мнозинството партии и граѓани остануваат посветени на членството во ЕУ.

„Ги охрабруваме новоизбраните локални власти да придонесат за унапредување на европските реформи,“ рече Темидо.

На прашањето за починати лица во избирачкиот список, набљудувачите одговорија дека не се соочиле со таков случај, но Мекачи нагласи дека проблем претставуваат лица кои не живеат во земјата, а сè уште фигурираат во списокот.

Меѓународната мисија броеше 275 набљудувачи од 40 земји – 253 експерти на ОБСЕ/ОДИХР, 15 претставници од Конгресот на Советот на Европа и 7 европратеници.

CATEGORIES
Share This